Како што може да се види на новата предлог-листа на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје (правена по азбучен ред), под реден број 250 стои името и краток опис на познатиот скопски хроничар Повеќе медиуми на 18.02.2021 ја објавија дезинформацијата дека Град Скопје не му оддал никакво признание на хроничарот Данило Коцевски и дека го заборавиле при креирањето на новата предлог-листа за имињата на скопските улици. Набрзо потоа веста се прошири (архива) и на социјалната межа „Фејсбук“. Во врска со ова дел од медиумите излгоа со вакви наслови: Брзо го заборавија: Нема улица ни со име на Данило Коцевски Градот Скопје не му оддаде никаква чест на Данило Коцевски, единствениот врвен хроничар на градот Данило Коцевски, единствениот врвен хроничар на Скопје, не доби никакво признание од Градот Скопје Некои од медиумите беа повнимателни во изборот на насловот, па се повикаа на синот на Данило Коцевски, од чиј Фејсбук статус објавен во ФБ групата „Стари скопјани“, всушност потекна веста: Синот на Данило Коцевски со реакција: Мојот татко го даде срцето за Скопје, но никој не најде за згодно да му даде признание Синот на Данило Коцевски: Татко ми кој ги даде срцето и душата за Скопје, градот не му оддаде никакво признание Синот на Данило Коцевски: Срцето и душата ги даде за Скопје, ГРАДОТ НЕ МУ ДАДЕ НИКАКВО ПРИЗНАНИЕ Синот на Данило Коцевски огорчен на градските власти: Татко ми ја даде душата за Скопје, а не му оддадоа ни чест, ни признание! Но, подоцна веста се покажа погрешна. Град Скопје реагираше на написите во медиумите кои го пренесоа ставот на Огнен Коцевски, околу наводното недоволно почитување на ликот и делото на неговиот татко. Сакаме да ја информираме јавноста дека името на Данило Коцевски е едно од имињата предложени во Листа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, која ќе се најде пред Советот на Град Скопје на наредната седница. Имено, името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња (страница 46, реден број 250) , соопштија од Градот. Понатаму во реакцијата се вели дека, Градот Скопје отсекогаш го ценел придонесот на Коцевски како хроничар на Скопје, а тоа се гледа во поддршката на повеќе негови проекти во минатото, како и долгогодишната соработка во организирањето на свеченостите по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје. Тој во 2008 година е избран за член на Одборот за одбележување на 45-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, под мотото „Скопје – 45 години град на солидарноста“, додека во 2010 година Коцевски е и именуван за член на Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. За неговиот придонес, Град Скопје во 1994 година на Данило Коцевски му ја доделува највисоката награда „13 Ноевмри“ за достигнувања во областа на публицистиката, стои во реакцијата. Како што може да се види на новата предлог-листа на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје (правена по азбучен ред), под реден број 250 стои името на познатиот скопски хроничар со краток опис: Коцевски Данило (1947-2020), книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург и поет. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во весникот „Млад борец“ и Македонската радиотелевизија. Бил главен уредник на списанието „Разгледи“ – Скопје. Членувал е на Друштвото на независните писатели на Македонија и во македонскиот ПЕН центар. Познат е како хроничар на градот Скопје поради своите статии објавувани во „Нова Македонија“ и емисиите на Македонската телевизија.