Со 7 месеци доцнење, денеска во Основниот суд во Струга се одржа рочиште од судскиот процес на дебарчанката Јилдиз Веапоска, која тврди дека во 2020 година откако се породи во Струга, и биле извадени неколку органи. Осомничени за овој случај се лекарите Мухамед Асани, Блертон Асани и Лилјана Јованоска.
Веапоска при сведочењето рече дека во август 2020 година се породила со царски рез, по што и била оштетена левата бубрежна артерија, но и покрај тоа не биле преземени мерки за нејзината состојба, туку како што рече и дале терапија по што паднала во кома.
А за овие обвинувања, д-р Мухамед Асани, не сакаше да одговори ниту денеска откако излезе од судот.
Во текот на седницата, оштетената страна приложи список на докази од вештачењата од областа на акушерството и два извештаи од надзорот на вештаците за работата на лекарите. Одбраната побараа распит на обвинетите, но лекарите велат дека се невини и бараат да се изврши уште едно вештачење за докажување на предметниот случај. Денеска беа сослушани само обвинетите и оштетената. Следната седница се очекува да се одржи на 10 март.