Министерот за економија Крешник Бектеши тврди дека во Македонија живеат 600 илјади Албанци.

Со тоа Бектеши ги негира и отфрла резултатите од последниот попис според кој во Македонија живеат околу 450 илјади Албанци.

Според пописот кој беше прифатен како успешен и од партијата на Бектеши ДУИ во Македонија живеат 1.836.713 граѓани, од нив 58,44% Македонци и 24,3% Албанци

Државниот завод за статистика пред два месеци ги објави официјалните резултати од пописот кој што беше спроведен во септември 2021 година.

Како што тогаш соопшти директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски вкупниот број на населението во Северна Македонија изнесува 1.836.713 граѓани, додека бројот на нерезидентното население е 260.606 лица, коишто се опфатени со пописот.

Со Пописот се попишани вкупно 2.097.319 лица, а од административни извори биле преземени податоци за 132.260 граѓани.

„Од вкупниот број попишани граѓани, резидентни и нерезидентни, Македонци се 54,21 %, Албанци, 29,52 %, 3,98 % Турци, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,34 отсто се Власи“, информираше Симовски. Од резидентното население, 58,44% се Македонци, а 24,3% се Албанци, соопшти Симовски.

Тие 24,3 проценти Албанци во бројка се околу 450 илјади што е за 150 илјади помалку од бројката што ја дава Бектеши со што тој го оспорува пописот и индиректно најавува ново пребројување на граѓаните.