Пишува Свето Тоевски

Започната е постапка за формирање на новата Влада на Македонија од страна на мандатарот Ковачевски, која нема никаков народен, ниту политички легитимитет и за која основано може да се претпостави оти „далечинскиот управувач“ со неа го држи и натаму во рацете Зоран Заев од „удобна сенка“, арно ама, со дозвола на Али Ахмети и првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ. Меѓутоа, покрај овој владин кабинет, кој е веројатно дека ќе има ограничено времетраење во 2022 година, до терминот на предвремените парламентарни избори, вниманието треба да се обрне и на некои регионални процеси, на рамниште на Балканот, кои можат да се доведат во одреден сооднос со создавањето на новата извршна власт во Македонија.

Во Црна Гора се загатнува прашањето на избор на нова Влада и нов премиер, предизвикано од несогласувањата во владејачката коалиција. На три дена пред новата година актуелниот црногорски премиер Здравко Кривокапиќ изјави: „Ако предложениот буџет на Црна Гора за 2022 година не се покаже како одржлив до јуни оваа година, тогаш Владата и јас ќе поднесеме оставка. Зошто владиниот кабинет не би го преживеал јануари 2022 година?“ – пренесе „Ал Џазира“ во информацијата од 28.декември 2021 година со наслов „Кривокапиќ: Ако буџетот не биде одржлив, поднесуваме оставка.“

Се поизвесно е дека нов претседател на Владата на Црна Гора би можел да биде нејзиниот актуелен потпретседател Дритан Абазовиќ од албанскиот етникум, лидер на владината партија ‘Ура“. Во информација со наслов „Американски план за Црна Гора – од ‘Ура’ порачуваат: ‘Новиот премиер би можел да биде Албанец?“ од 21.декември 2021 година весникот „Вечерни новости“ од Белград пишува: „Членот на Централниот совет на ‘Ура’ Илир Харашани вели дека ‘Ура’ ги предводи напорите за создавање малцинска Влада, која ја поддржуваат прозападните партии. Oваа стратегија ја поддржува специјалниот американски пратеник за Западниот Балкан Габриел Ескобар. Харашани нагласи: ‘Премиерот ќе биде најверојатно Албанец.“

Покрај Црна Гора, кога ќе дојдат на ред предвремените парламентарни избори и во Македонија се очекува да се активира испланираното сценарио извршната власт да ја предводи претставник од немнозински етникум. Но, сценариото „Албанец – премиер“ веќе сега се „тркала“ во јавноста. Идејата на чело на Владата да се наоѓа Албанец, за првпат во историјата на македонската држава, ја исфрли лидерот на ДУИ Али Ахмети во кампањата пред парламентарните избори во 2020 година. Во воведната порака во „Програмата 2020 – 2024: парламентарни избори 2020“ со наслов „Време е за прв албански премиер“ Ахмети вели: „Да му покажеме на светот дека с.Македонија навистина може да биде земја, во која Албанец може да стане премиер и да биде достоен лидер во загарантирано и трајно пријателство и партнерство со САД и ЕУ. Првиот албански премиер ќе биде премиер за сите. Ќе предводи нова генерација на политиката, претставувајќи рамноправно општество.“

Но, наспроти овие „високодемократски“ зборови на Ахмети стојат и ставовите содржани во анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), пренесена од Дојче Веле на 20.август 2020 година, во која се наведува: „Во с.Македонија се разградува парламентарниот систем и се претвора во консензуална демократија, во која е најважно етничкото потекло. Ахмети испостави услов дека ДУИ ќе влезе во коалиција само ако Албанец биде премиер. Тоа беше премногу дури и за Заев. Но, му беа потребни гласовите на партијата на Ахмети.’ – анализира ФАЦ, констатирајќи дека е експеримент договорот што го постигнаа Заев и Ахмети за премиер – Албанец во последните 100 дена од мандатот на Владата.“

Идејата за прв претседател на Владата на Македонија од албанскиот етникум наидува на остри реакции и отфрлања од страна на многу Македонци, што може да се согледа и во коментарите на фејсбук и другите општествени мрежи, во истапувањата на разни експерти, аналитичари и новинари низ медиумите. Сепак, ДУИ не отстапува: Артан Груби, првиот заменик-претседател на Владата во интервјуто за „Косова Прес“ објавено на 2.јануари 2022 година, посочува: „Се воведува ново правило, нова реалност: на чело на Владата да има Албанец. Во последните 100 дена од Владата него ќе го одреди Ахмети. Позицијата на прв заменик – претседател на Владата повторно ќе и припадне на ДУИ. Јас ќе бидам на таа позиција.“

Груби е најблизок соработник на Ахмети и човек со негова најголема доверба. Ахмети не се откажа од Груби и покрај жестоките критики во партијата дека тој е еден од главните виновници за поразот на „интегративците“ во Тетово, Гостивар и другите градови во Македонија. Груби е „недопирлив“ дури и за членовите на така наречената „Огнена група“ во ДУИ – сочинета од потпретседателот Иџет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети и други влијателни внатрешно – партиски „бунтовници“. Имајќи ги предвид заштитата од Ахмети за Груби и фактот дека тој, како што сам тврди, ќе биде прв заменик – претседател на Владата и во кабинетот на Ковачевски, тогаш се наметнува прашањето: дали токму Артан Груби има шанси поголеми од кој било друг во неговата партија да стане првиот премиер од албанскиот етникум на чело на новата Влада во последните 100 дена, ако дојде до договор за предвремени парламентарни избори, кои на ДУИ и одговараат?!

Артан Груби имаше повеќе пати „меѓународна промоција“ како регионален албански „државник“ преку контактите со премиерите на Косово Албин Курти и на Албанија Еди Рама. На 2.август 2021 година „Тетова сот“ објави: „Лидерот на ДУИ Али Ахмети и првиот вицепремиер Артан Груби заедно беа видени на средба со премиерот на Косово Албин Курти на маргините на форумот ‘Дијалог Преспа’ во Охрид. Ахмети и Груби пред оваа средба седнаа на маса и со Курти и Еди Рама.“

Артан Груби имаше средба во Тирана на 23.март 2021 година со премиерот на Албанија Рама. Потоа Груби се огласи со објава на својот фејсбук – профил, што ја пренесе информативниот портал „Топ њуз“ на албански јазик: „Со Рама разговарав за двостраните односи с.Македонија – Албанија, за спорот со соседна Бугарија, за изградбата на коридорот 8, како и за интегрирањето на нашите земји во ЕУ. Со Рама разговаравме и за важноста на дијаспората за дијаспората.“

Дали овие средби на првиот владин потпретседател Артан Груби со премиерите на Косово и Албанија, очигледно и со регионална „државничка димензија“, беа сосема случајни, или можеби претставуваат однапред осмислени први истапувања на идниот макар и 100 – дневен претседател на Владата Артан Груби во 2022 година? Исто така, дали во следниве 12 месеци може да се случи на Балканот да има четворица албански премиери: Артан Груби на Македонија, Албин Курти на Косово, Дритан Абазовиќ на Црна Гора и Еди Рама на Албанија? Моментниот премиер на Црна Гора Кривокапиќ навести оставка во јуни, ако не се усвои предложениот буџет. Напоредно со тоа под „меѓународно спонзорство“ веќе се готви Абазовиќ како негов се посигурен наследник на таа позиција. Се посигурно е дека и во втората половина на оваа година, ако не и порано, во Македонија ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори со „пржинскиот експеримент“ – „100 дена Албанец-претседател на Владата“, оти тие избори ги бараат сета опозиција и огромното мнозинство граѓани на Македонија.

Се на се, многу е голема веројатноста во одреден момент на Балканот да има четворица албански премиери, макар и со траење од само неколку месеци на тој „албански квартет“. Лани на 13 декември на специјалниот состанок со министрите за надворешни работи од Западниот Балкан, во присуство на Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Велика Британија за Западниот Балкан, како што јавија информативната агенција „Журнал“ и други медиуми на албански јазик, учествуваа и „тројцата албански министри за надворешни работи: Бујар Османи, Олта Џачка и Доника Грвала, шефови на дипломатиите на Македонија, Албанија и Косово“. Значи, мразот е „пробиен“: каде тројца – таму и четворица…