Ако во Македонија има правна држава попладнево по налог на Јавното обвинителство треба да биде уапсен министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Спасовски според моето скромно познавање на полициските и процедурите на Јавното обвинителство направил тешко кривично дело помагање на осомничени гонети за вршење на кривично дело за што во кривичниот законик има повеќе члена кои го покриваат делото.


Министерот денеска во интервју откри дека против осомничените во случајот Онкологија има ПИ мерки со што директно ги предупреди да запрат со вршењето на кривичните дела но пред се да се ослободат од инкриминирачките докази кои можат да ги однесат во затвор.

Спасовски практично на сите осомничени денеска јавно им порача да ги фрлат сите телефони, компјутери и друга техника преку која што комуницирале при договарање и вршење на кривичните дела за да не може обвинителството да прибере соодветни докази.

Министерот Спасовски во гостување на ТВ21, зборува за ПИ мерките во сегашно време додавајќи дека случајот мора да се истера до крај и да се анализираат сите аргументи во исто време уривајќи го истиот.

Тој дополни дека во моментов не може да се зборува за конкретни информации што значи дека истрагата е во тек и тој во никој случај не смее да објавува дека има ПИ мерки против осомничени.

,,Не смее да се влијае на постапката со цел да не се руши еден дел од доказната постапка, пред сѐ во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и тоа е засега што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени”, рече министерот Спасовски вршејќи го кривичното дело.

Дали Спасовски со оваа изјава сакал да предупреди роднина на членови на семејство на екс лидер на СДСМ кој е еден од осомничените во случајот или го направил тоа од други побуди не ми е јасно, но во секој случај министерот оваа работа мора да ја објасни пред јавен обвинител.

А тоа мора да се случи, сега или кога целосно ќе се распадне гнилиот систем кој и тој лично тој го градеше 7 години на чело на МВР.

Фото: Принт скрин ТВ21