Кањонот Матка ќе биде прогласен за споменик на природата од трета категорија. Владата го одобри прогласувањето, кое треба да го аминува и Парламентот, кој, пак, треба да го усвои законското решение што предвидува поделба на подрачјето на зони, од кои 39 проценти ќе бидат под строга заштита и таму ништо не ќе смее да се гради или поставува, а што ќе ја наруши природната рамнотежа. Во изминатите години, локалитетот е без управувач, што резултираше со узурпација и изградба на диви платформи во езерото. И покрај инсистирањето на Град Скопје да ги отстранат од Општина Сарај, не се случи тоа. Тие продолжија да работат како кафулиња и фирми што издаваат кајаци и што организираат тури со чамци по езерото, а јавноста не дозна дали се регистрирани и дали имаат дозволи за вршење на оваа дејност.

Кањонот Матка, кој е уникатно национално природно богатство, ќе биде прогласен за споменик на природата од трета категорија. Со децении едно од највредните подрачја во Македонија беше игнорирано. Сега, кога се ближи крајот на донесувањето на законот за прогласување, кој доби зелено светло од Владата и кој сега е пратен на усвојување во Парламентот, ќе се овозможи не само заштита на природните вредности и на разновидноста на биодиверзитетот туку и ќе се создадат нови можности за одржливо управување и развој на овој екосистем.

Кањонот Матка, како што е предвидено со предлог-законот, е поделен на неколку зони. Дури 39 проценти од просторот влегуваат во зоната на строга заштита, а тоа се областите Козјак, Добрашија, Матка – Врело и Плоча. Оваа зона ќе биде под постојан мониторинг и мора да има чуварска служба, затоа што таму не смее ништо да се гради или да се поставува, а со што ќе се наруши природната рамнотежа. Ќе бидат дозволени само научно-истражувачки активности, кои, пак, нема да се косат со примарните вредности на подрачјето.

Останатите 61 процент од заштитеното подрачје се поделени во зона за активно управување (над 50 %), зона за одржливо користење (10 %) и остатокот е заштитен појас (1 %).

Во зоната за активно управување се наоѓа пештерата Врело, една од трите најдлабоки во Европа и единствена од пештерите на Матка што е отворена за туристи. Во Врело, законот дозволува да се врши само еколошки туризам. Исто така, во оваа зона влегува и локалитетот Ивање, кој е ловиште, а по донесувањето на законот за прогласување на споменик на природата, кањонот Матка ќе биде пренаменет во репроцентар на диви животни, со цел обезбедување поголема заштита на дивите видови.

Во зоната за одржливо користење влегуваат селата и земјоделските површини, инфраструктурните објекти, црквите, како и рекреативниот појас покрај езерото Матка. Локалното население во Општина Сарај, на јавната презентација на предлог-законот за прогласување на кањонот Матка за заштитено подрачје, ја поддржа постапката, но побара да се почитуваат правата на локалното население во однос на приватните имоти. Исто така, беше побарано во управувањето со споменикот на природата кањон Матка да се вклучи и Македонската православна црква, бидејќи на подрачјето на ова заштитено подрачје има повеќе манастири и цркви. Министерот за животна средина Насер Нуредини објасни дека во планот за управување ќе се разгледуваат прашањата за управување.

– Ќе бидат разработени дозволените и забранетите активности по зони, и во таа насока и потребата од вклучување на локалното население при подготовката на планот за управување и добра соработка на Град Скопје, Општина Сарај и МЖСПП, рече Нуредини.

Во однос на одземеното земјиште од локалното население на подрачјето на кањонот Матка во поранешна Југославија, истакна дека ова прашање ќе го достави на разгледување до Владата.

Инаку, постојниот урбанистички план за Матка не влегува во заштитеното подрачје. Дозволено е градење во зоната за одржливо користење, согласно со Законот за заштита на природата. Потоа треба да биде усогласен овој урбанистички план со планот за управување на споменикот на природата кањон Матка.

Колкава вредност има кањонот Матка, покажува податокот дека е вклучен во националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија.  Бројните видови од кањонот Матка се вклучени на прилозите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивите флора и фауна. Во однос на биодиверзитетот, кањонот Матка претставува рефугиум, односно засолниште за голем број ендемски и реликтни видови, кои опстанале до денес токму во кањонот, преживувајќи го ладниот, односно глацијалниот период во еволуцијата на Земјата.

Со споменикот на природата ќе управува Градот Скопје во соработка со Општина Сарај, а ќе треба да формираат совет на засегнати страни и научен совет, како консултативни тела во согласност со Законот за заштита на природата. Како ќе функционира нивната соработка, допрва ќе се види. Во изминатите години, локалитетот е без управувач, што резултираше со узурпација и изградба на диви платформи во езерото. И покрај инсистирањето на Град Скопје да ги отстранат од Општина Сарај, не се случи тоа. Тие си продолжија да работат како кафулиња и фирми што издаваат кајаци и што организираат тури со чамци по езерото, а јавноста не дозна дали се регистрирани и дали имаат дозволи за вршење на оваа дејност.

Системот на заштитени подрачја во нашата држава моментално вклучува 81 подрачја, кои зафаќаат површина од околу 13,9% од територијата на Република Македонија. Со тоа, надминат е предвидениот процент на заштитени подрачја од 11,5% од територијата на нашата држава, кој бил утврден во секторската студија за заштита на природното наследство, изготвена за потребите на Просторниот план на државата (2004).