Ќе биде ли избран Ристо Пенов за министер за локална самоуправа

Денеска во Собранието ќе се расправа за изборот на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа и за изборот на уставните судии.

Предлогот Пенов да биде министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец и претходник Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.

Премиерот Димитар Ковачевски во вторникот од собраниската говорница рече дека е убеден оти Владата со Ристо Пенов во областа на локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратешките политики и на локално и на централно ниво.

– Станува збор за значаен ресор за нашите општини кои за една година гледаме дека се наоѓаат во проблеми кои ги водат неспособни градоначалници. Предлагам вистински човек, на вистинско место, во вистинско време. Господинот Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех.“, рече Ковачевски.

Изминатите денови, опозицијата и власта излегоа со спротиставени ставови.Според првите, власта со овој предлог прави дефокус на јавноста од вистинските проблеми и наместо да понуди решенија за економската и енергетската криза и да им помогне на граѓаните таа предлага нов министер, за кој не веруваат дека е добро решение.

За пратениците од владејачките партии, Пенов е добар избор и побараа поддршка од опозициските пратеници.