Македонскиот активист од Благоевград, Атанас Кирјаков-Војводата, бара реципроцитет за културните клубови на Македонците и на Бугарите во двете земји, но и забрана во Македонија да се отвораат клубови со имињата на „докажани нацисти и фашисти“.
„Што се однесува до т.н. бугарски клубови што се регистрираат во Р. Македонија, тие треба да бидат забранети од судот. Треба да има реципроцитет. Кога Бугарија ќе ги регистрира ОМО ‘Илинден’ и другите македонски организации и здруженија на нејзина територија, тогаш и Р. Македонија да ги регистрира т.н. бугарски, но во никој случај тие да носат имиња на докажани нацисти, фашисти, кои придонеле за зло меѓу народите, каков што е примерот со Иван/Ванче/Михајлов, познат во Пиринска Македонија со прекарите главорез и крволок. До неодамна под Пирин сè уште имаше жени со црни шалови на главата во знак на жалост за злосторствата на ванчомихајловистите.
Апсурдот да биде уште поголем, мора да се нагласи дека бугарски клубови со имињата на Иван/Ванчо/Михајлов, Борис Трети и Фердинанд нема никаде во Бугарија“, коментира на Фејсбук еден од основачите на Обединетата македонска организација „Пирин“.