Кирјаков со план за културна и економска автономија на Пиринска Македонија во десет точки

По теркот на експремиерот Љупчо Георгиевски и неговиот план за надминување на ќорсокакот во македонско-бугарските односи, и македонскиот активист од Бугарија, Атанас Кирјаков-Војводата, излезе со еден вид платформа за културна и економска автономија на Пиринска Македонија.

„Мојата визија и моите точки што ќе придонесат за одврзување на ‘Гордиевиот јазол’ и решавање на спорот меѓу Република Бугарија и Република Македонија
1.) Да ѝ се даде на Пиринска Македонија статус на културен и економски автономен регион, кој во согласност со меѓународното право и меѓународните договори ќе биде изразен во следново:
2.) Воведување на македонскиот јазик во образовните институции и во администрацијата во Пиринска Македонија, како и изучување на македонската историја и култура.
3.) Отворање на радиотелевизиски центар во Пиринска Македонија за емитување на македонски јазик, за културно образование на населението. На бугарската национална радиотелевизија да има еден час за емитување на македонски јазик за Македонците што живеат во Бугарија.
4.) Неврокопската епархија да ѝ се приклучи на Македонската православна автокефална црква со седиште во Охрид. Да се ​​избере македонски епископ и црквата во Пиринска Македонија да биде независна од бугарската.
5.) На македонските христијани и муслимани во Пиринска Македонија и во Бугарија во сите лични документи (крштеница, венчален лист, пасош, лична карта, диплома од училиште и од факултет, работна книшка итн.) да пишува етничка припадност Македонец/Македонка.
6.) Пиринска Македонија да биде демилитаризирана зона.
7.) Поради нискиот животен стандард на населението во Пиринска Македонија во споредба со Бугарија, да се обезбеди директна економска помош од ЕУ за развој на Пиринска Македонија за запирање на депопулацијата и спречување на асимилацијата на Македонците преку глад.
8.) Да ​​запре асимилацијата на македонската култура, историја и фолклор и да не бидат присвојувани од бугарските институции како бугарски. Да запре уништувањето на македонските културни споменици. Да се ​​вратат украдените икони, старомакедонски книги и други културни споменици и артефакти од Македонија, од цркви, манастири и други културни објекти.
9.) Бугарските националистички, неофашистички и врховистички партии и организации во Бугарија и во Пиринска Македонија, кои водат пропаганда за ‘Голема Бугарија’, пропаганда за војна на Балканот и пропаганда за асимилација на Македонците и кои создаваат тензии и опасност од насилство и крвопролевање врз етничка основа, да бидат забранети со закон, согласно член 20 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

10.) Да се ​​отворат досиејата и да бидат осудени сите државници и службеници за безбедност што сториле злосторства против македонските христијани и муслимани“, објави на Фејсбук еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“ и кандидат за градоначалник на Благоевград на минатогодишните локални избори во Бугарија.

https://www.facebook.com/permalink.php?story_fbid=780221122911839&id=100027718754303