Кинескиот град Вухан, каде се појави опасниот коронавирус, започна амбициозна задача да изгради болница од 1.000 кревети за само шест дена за лекување на жртвите од епидемијата.

Болницата ќе се гради со монтажни згради околу комплекс првично наменет за локалните работници, лоциран среде градини покрај езеро на периферијата на градот, објави официјалниот весник „Чанџијанг“.

Иако временската рамка е амбициозна, Кина веќе има искуство со градење болници во експресно брз рок: Во 2003 година, за време на појавата на САРС, 7.000 работници во Пекинг изградија болница за само една недела. Сарс, или силен акутен респираторен синдром, уби 349 луѓе во континентална Кина и 299 во Хонг Конг во 2002-2003 година.

Во Вухан градежни машини, вклучително 35 копачи и 10 булдожери, од вчлера ја почнаа работата на болницата.

Итната потреба за болница се покажа како неопходна откако се појави недостиг на кревети во болниците за справување со заразените од корона вирусот од кој досега се инфицирани 830 луѓе а починаа 26.