Кина: Со нова воена помош, САД го претвораат Тајван во „буре барут“

Официјален Пекинг ја осуди одлуката на Соединетите Држави да обезбедат воена помош од 345 милиони долари за Тајван, објави Еј-Би-Си њуз.

Пакетот вклучува беспилотни летала, системи за противвоздушна одбрана, ракети, како и обезбедување воена обука и вежби.

Таквиот потег го претвора Тајван во „буре барут“ и „складиште за муниција“ и го зголемува ризикот од воен конфликт преку Тајванскиот теснец, нагласи Канцеларијата за тајвански работи при Државниот совет на Кина.

Оттаму, тие ја предупредија владејачката Демократска напредна партија во Тајван дека ако продолжи по овој пат, младата генерација на земјата може да стане топовско месо, пренесе Глобал тајмс.

САД ги прекинаа дипломатските врски со Тајван во 1979 година и воспоставија односи со Кина.

Но, иако официјално ја признава политиката на „една Кина“, Вашингтон во исто време продолжува да одржува контакт со Тајпеј и да го вооружува островот.