Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, оцени дека САД натрупаа богатство од конфликтот во Украина, а Европа ја плаќа цената, особено поради инфлацијата и трошоците за енергија.

„Не е ни чудо што некои европски медиуми велат дека Европа треба да се запраша, зошто нашиот мир и просперитет треба да зависат од интересите на САД?“, истакна тој.

Жао го обвини Вашингтон дека го игнорирал ефектот на Законот за намалување на инфлацијата (ИРА) врз другите земји, „вклучувајќи ги и нејзините таканаречени сојузници и партнери“, што е „уште еден пример за хегемонијата на Америка“.

Минатата недела европското издание на американскиот весник „Политико“ објави дека високи европски функционери се бесни на администрацијата на Џо Бајден и ги обвинуваат Американците дека профитираат од војната додека земјите од ЕУ страдаат.

Русија не пропушти да ја ескалира ситуацијата. Неколку дена подоцна, претседателот на руската државна дума, Вјачеслав Володин, рече дека САД ја вовлекле Европа во војните со санкции против Русија и ги турнале европските земји во невработеност, затворање бизниси и други страшни дилеми.