Кина го зголеми увозот на сурова нафта од Русија за 25 отсто годинава

Испораките на руска сурова нафта во Кина се зголемија за 25 отсто во првите осум месеци од 2023 година на годишно ниво, покажаа податоците објавени од кинеската Генерална царинска управа во средата.

Испораките на нафта изнесуваат 71,2 милиони тони помеѓу јануари и август, бидејќи Пекинг ги искористи попустите и го забрза складирањето на руска сурова нафта, според бројките. Во однос на вредноста, сепак, увозот на нафта од Русија во Кина изнесува 38,1 милијарди долари, што бележи пад од 4,1 отсто во споредба со истиот период минатата година.


Москва повторно ја надмина Саудиска Арабија како главен снабдувач на нафта во Кина. Блискоисточната земја извезла 60,1 милиони тони во вредност од 36,49 милијарди долари во наведениот период, а Ирак е на третото место, снабдувајќи 40,3 милиони тони во вредност од 23,04 милијарди долари.

Извозот на сурова нафта во Кина во август се зголеми за 30,7 проценти во споредба со јули и порасна за 42,7 отсто во однос на вредноста, достигнувајќи 5,8 милијарди долари.

Во 2022 година Кина го зголеми купувањето на руска нафта за 8,2 проценти и тоа достигна 86,2 милиони тони. Цената на суровата нафта увезена од Русија се зголеми за околу 43,9 отсто, што изнесува 58,37 милијарди долари.

Кина купува повеќе руска нафта откако традиционалните западни купувачи ја избегнуваа како дел од санкциите поврзани со војната во Украина. По минатогодишното ембарго на Г7 и ограничувањето на цената на руската нафта, Москва активно ги пренасочува своите нафтени текови кон Азија.