Бугарскиот дипломат и експерт по меѓународни односи, Милен Керемедчиев, во интервју за Радио Фокус, го оправдува бугарскиот став за одвојување на Албанија и Македонија во пристапниот процес кон ЕУ, и наведува кои се причините за тоа:

„Сметам дека е правилен последниот став на Бугарија за разделување на Албанија и Република С. Македонија, бидејќи така ќе се види дека и Албанија всушност има проблеми за започнување на преговорите за членство, кои произлегуваат од други западноевропски држави, како Холандија и Франција, кои имаат стравови од брз прием на Албанија во ЕУ.


Така повеќе ќе се види и дека Бугарија не е основната сопка и пречка за членство на двете држави во ЕУ“, вели Керемедчиев, како што пренесува Дојче веле.

Тој смета дека двете земји се различни во својата подготвеност и дека „е логично да бидат одвоени“ во процесот, но не верува дека тоа ќе се случи, бидејќи  политиката на ЕУ е да ги поврзува кандидатите и да бидат примани заедно.

Потсетува дека таков бил случајот и со Бугарија и Романија, иако двете земји меѓусебно постојано се обвинувале дека едната ја кочи другата.