Мало изненадување беше вчерашната најава од Фудбалската федерација на Македонија за контролен натпревар со Казахстан на 4 јуни во Скопје, но работите се разјаснија денеска откако поранешната советска република објави дека ја откажала пријателската средба на тој датум со Косово поради тоа што не ја признава неговата независност од Србија.

Токму од тие причини, Владата на Казахстан не дозволила репрезентацијата на нејзината земја да игра со Косово.

„Иако веќе пет години сме членка на ФИФА и на УЕФА, политиката и понатаму има влијание“, соопшти Фудбалската федерација на Косово, додавајќи дека наместо со Казахстан ќе имаат тест против Малта.

Казахстанците ќе бидат генерална проба за избраниците на селекторот Игор Ангеловски пред дебито на европските првенства на 13 јуни против Австрија во Букурешт. Три дена пред првиот официјален меч со Казахстан воопшто, на 1 јуни, „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со Словенија.

Во својот последен настап на 31 март во мундијалските квалификации Казахстан изненади со ремито 1:1 во Киев против Украина, вториот ривал на Македонија на ЕП на 17 јуни исто така во Букурешт.