Катар ја осуди истрагата за корупција што ја води Белгија и суспензијата на нејзиниот пристап до Европскиот парламент, предупредувајќи дека тоа може „негативно“ да влијае на односите и снабдувањето со природен гас, пренесува „Франс прес“.
Катарски дипломат ги критикуваше белгиските власти и инсистираше на тоа дека се користени „неточни“ информации.
Грчката европратеничка Ева Каили е една од шестмината приведени по серијата рации во кои беа пронајдени најмалку 1,5 милиони евра во готовина.
Парите, наводно, биле поврзани со земја од Персискиот залив, што го натера Европскиот парламент да го суспендира пристапот на Катар до институцијата минатата недела.
„Одлуката да се наметне такво дискриминаторско ограничување што го ограничува дијалогот и соработката со Катар пред да заврши судскиот процес негативно ќе влијае на регионалната и глобалната безбедносна соработка, како и на тековните дискусии околу глобалната енергетска сиромаштија и безбедност“, нагласи дипломатот.
Категорично ги отфрламе обвинувањата кои ја поврзуваат нашата влада …нашата земја беше подложена на екстремни критики и напади, додаде дипломатот и истакна дека во Катар со голема загриженост ја следеле селективната осуда на земјата.
Длабоко е разочарувачки што белгиската влада не вложи напор да се ангажира со нашата влада за утврдување на фактите откако дозна за наводите, истакна дипломатот.
Во соопштението се нагласува „блискиот“ однос со Белгија.
„Нашите земји соработуваа за време на пандемијата на коронавирус и Катар е важен снабдувач на течен гас за Белгија“, потсети тој.