Кастрираната волја на избирачите и чарето – Пишува Роберт Димитриевски

Случајот со пратеникот Кастриот Реџепи е последниот аргумент во прилог на веќе насушната потреба од сеопфатна реформа на Изборниот законик. Сега веќе бившиот член и потпретседател на Беса „сам себе убијал“ со погазувањето на бесата дека ќе гласа за уривање на Владата на Заев. Како на атпазар си ја продаде душата на ѓаволот и им плукна в лице на тие што гласале за него на ланските избори.

Ни прв ни последен, ќе рече некој, имајќи ја предвид „славната“ епизода со осумте одметнати народни избраници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ при изгласувањето на уставните измени со кои се промени името на државата наспроти волјата на гласачите. Да, ама сега веќе чашата е преполна, за што сугерира апатијата кај електоратот изразена преку сè помалата излезеност на изборите со секој нов циклус. Единствен начин за да се (ре)анимираат запишаните во избиричкиот список е менување на изборниот систем.

Прво, со четиригодишниот пратенички мандат добиен на избори да располага партијата или коалицијата, а не пратеникот што го кандидирала. Така ќе се избегне можноста некој што бил изгласан како претставник на одредена политичка опција преку ноќ да го смени дресот или да стане божем независен, како (до)сега, на тој начин своеволно и неказнето изигрувајќи ја довербата на тие што ја заокружиле партијата на гласачкото ливче. Ако го прекрши нејзиниот став за одредено прашање, таа би имала право да му го одземе пратеничкиот статус и да му го додели на друг од својата листа што не бил избран. Со тоа би се оневозможило или во најмала рака би станало значително потешко „купувањето“ туѓи пратеници, бидејќи многу поедноставно и поевтино е тоа да се стори со една личност отколку со цела пратеничка група.

Второ, на локалните избори да има само еден круг при изборот на градоначалниците и за победник да биде прогласен тој што ќе добие најмногу гласови, без оглед на освоениот процент или на одзивот. Со сегашниот систем се отвора простор за притисок или за поткуп на гласачкото тело меѓу двата изборни круга, кон што редовно прибегнува тој што е на власт на централно ниво поради моќта што му ја дава раководењето со институциите и со државните ресурси. Како изгледа тоа во пракса можеа да се уверат, на пример, кичевчани и дебарчани – каде што, о какво ли чудо, се случи пресврт во вториот круг на 31 октомври.

Трето, да им се овозможи на гласачите да го отповикаат пратеникот за кој гласале, ако не се задоволни од неговото политичко делување. Да речеме, гласачите од изборната единица во која е избран нивниот претставник во законодавниот дом за одреден период да соберат најмалку еквивалентен број потписи со гласовите со кои влегол во Собранието и тој автоматски да биде заменет со следниот од листата на партијата или на коалицијата што го кандидирала.

Четврто, за дијаспората, која во македонската економија внесува над милијарда евра годишно, мора да има загарантирано барем едно пратеничко место, со што ни теоретски нема да дојде до пата-пата ситуација меѓу власта и опозицијата. Притоа, да ѝ се овозможи електронско гласање, со што и нејзиниот одзив на изборите ќе биде неспоредливо поголем од досега, а и ќе се избегнат енормните трошоци за патување и престој на избирички одбори по дипломатските претставништва низ светот. Искуствата од електронското гласање потоа би послужиле за евентуална примена и тука.

Петто, тој што е на власт на државно да не може да носи одлуки што ги засегаат националните интереси, ако не ги навел во изборната програма. Во спротивно, задолжително да го праша народот на референдум и да биде обврзан да го испочитува резултатот, а не да го игнорира како при насилната промена на името.

Можеби наведениве идеи не се идеални, сигурно има и подобри решенија, но од некаде мора да се тргне. Вакво девалвирање на пратеничката функција со сцени и постапки како на сточен пазар не само што ги делегитимираат донесените одлуки, туку од демократијата, која сите, без исклучок, не ја вадат од уста, прават креатура. А тоа сигурно не беше целта кога Македонија пред три децении премина од еднопартиски систем во плурализам.