„Касно Спасов на Косово стиже“ – Пишува Роберт Димитриевски

Алелуја! Тоа што од самиот почеток му беше јасно на секој Македонец со просечно функционална сива маса меѓу ушите, на професорот Ѓорѓи Спасов му се разјаснило дури сега.

„Треба да се има храброст да се каже дека Европската унија е најдобрата можна алтернатива за нас, но и дека ако не нѐ сакаат, поради свои егоистични интереси, тогаш ќе преживееме и без нив, и без уцени. Треба да се има достоинство, без оглед на големата желба“, ќе заклучи некогашниот македонски амбасадор во Бугарија во интервју за Нова ТВ.

Не знам дали Македонија има право за уште една номинација за Нобелова награда по несудениот лауреат Зоран Заев, ама со вакво епохално откритие Спасов, ако ништо друго, сериозно конкурира барем за комита, ако не и директно за војвода. Значи, ќе јадеме и корења ако треба, сака да ни порача идеологот на СДС на „Нашата Земја“, како што некогашниот член на Претседателството на СФРЈ, Бранко Костиќ, реагираше при воведувањето санкции за Србија во 1992 година.

Како во истоимениот квиз на А1 своевремено, „ќе перам, ама не пеам“ (по бугарски ноти), а? Достоинството, пред сè, ами како! Они нам? А бе ајде!

Супер ова со патриотизмот на поранешниот генерален секретар на сега владеачката партија. Арно ама, „увек има једно ‘али’, које девојци среќу квари“.

Кај беше уважениот професор сиве овие години кога неговите сопартијци и истомисленици упорно обвинуваа друг што не сакаше да го смени името, притискајќи на секаков можен начин за божемен компромис, а во суштина класична капитулација. И откако „седесето“ тргна да раздава безмалку сè што му е свето на македонскиот народ – име, придавка, историја – и пак удри со главата в ѕид, овојпат бугарски, сега да сме кренеле рачна, оти ќе сме преживееле и без ЕУ, и без уцени?!

„Касно Марко на Косово стиже“, другар Спасов! Сараевчани би додале: „Палиш како ‘голф’ на Бјелашница“.

Катастрофалните отстапки по цена и на идентитетот, наместо замислените порти на рајот во што ја идеализираа ЕУ, ја одведоа Македонија во ново беспаќе. За да се предвиди такво нешто не беа потребни академски титули, партиски, државни или дипломатски функции, ниту, пак, многу повисок коефициент на интелигенција од ЗЗ.

Доволно беше само да го послушаат, место да го игнорираат, гласот на народот, јасно изразен на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година. Или да се сетат на „славната“ изјава дека „народот е во право и кога греши“ на Бранко Црвенковски, во чија Влада од 1997 до 1998 година министер за правда беше токму Ѓорѓи Спасов.

Задоцнетиот излив на патриотизам на професорот, меѓутоа, недвосмислено потврдува дека народот бил и е во право. Секогаш. Посебно кога станува збор за Македонија.