Тетовскиот градоначалник Биљал Касами денеска истакна дека се можни вонредни избори за Совет на Општина Тетово откако на вчерашната седница не помина општинската завршна сметка за 2021 година.
Вчера седницата не започна откако немаше мнозинство од 16 советници за носење одлуки.
– Како резултат на однесувањето на некои од советниците, согласно законот, не е усвоена завршната сметка, што е еден од условите да се оди на нови избори, за советот на општина Тетово. Се бараше на седница на совет завршната сметка на Општина Тетово да се врати да се докомплетира, што нема основ, тоа е завршна сметка согласно законот и процедурите кои се создадени од Министерството за финансии. Кога се прави политика од се и сешто доаѓаме до вакви ситуации, истакна Касами.
Тој рече дека денеска ги информирале соодветните министерства.
– Министерството во рок од една недела треба да ја информира Владата, Владата од во рок од еден месец, да донесе одлука за распуштање на Советот, изјави Касами, од тетовската пожарна каде им додели решенија за повисоки плати на пожарникарите.
На новинарско прашање дали е можно да се избегне оваа ситуација, Касами рече дека не е правник и оти тоа е надвор од неговите одговорности.
-Не сум надлежен да коментирам, законот е јасен. Ако не се носи завршна сметка се исполнети условите Советот да оди на реизбор но за тоа одлука и коментар даваат други институции. По сила на закон треба да се распушти Советот, рече Касами.
Хамди Сулејмани еден од советниците на „Подобро за Тетово“ кои вчера гласаа спротивно на мнозинството, изјави дека за ситуацијата придонел градоначалникот и Движење Беса.
-Тој тоа го сака. Неговите луѓе не го гласаа буџетот и завршната сметка а тоа убаво се гледа од видеата снимени од деветата седница на Советот. Најверојатно сака да одрстани некои од нив што му пречат, како што му пречиме и ние од опозицијата, но мислиме дека тој со ова многу ќе изгуби“, вели Хамди Сулејмани од Движењето „Подобро за Тетово“.
Во мнозинството досега покрај Движење Беса, ВМРО ДПМНЕ, Алијанса за Албанците беа и двата советниците од „Подобро за Тетово“