Тесла, Едисон, Ват, Флеминг, Гутенберг, Фарадеј вода да му носат на Билал Касами. Наспроти плејадата најголеми пронаоѓачи во историјата на човештвото, градоначалникот на Тетово ја збогати политологијата со „генијален“ изум – втор мнозински народ.
„Правата кои ги има српското малцинство во Косово се многу, многу далеку од правата кои ги имаат Албанците, иако се, нели, втор мнозински народ во Македонија по македонскиот народ“, ќе изјави лидерот на Беса во интервју за Радио Слободна Европа на почетокот од месецов, кој ќе го заокружи со повторување на својот патент: „Албанците како втор мнозински народ мора да бидат почитувани, па ако се интонира државната химна која се повикува само на македонскиот народ, треба да се интонира и албанската химна“.
Како се станува мнозинство со 24,3 проценти Албанци, наспроти 58,44 отсто Македонци, дури и според фаличниот попис на еден друг „генијалец“ (Апостол Симовски), знае само Касами. Од неговата теза произлегува дека, ако има прв и втор мнозински народ во Македонија, сетики ќе има и трет (Турци), четврти (Роми), петти (Срби), шести (Бошњаци), седми (Власи)… Замисли сега пред првиот училишен час да треба да се интонираат химни колку што има националности во државава?! Отиде полугодието…
Од изумот на Билал испаѓа и дека Македонија е една од ретките земји во светот, ако не и единствената, без малцинства. Сите етноси што живеат во неа се – мнозинство?!
Според логиката на Касами, ако имаш една четвртина од пратениците во Собранието и си втора партија по бројност, треба да можеш да си формираш Влада?! Односно, секоја партија, па имала макар и само еден пратеник, да си состави Влада. Колку партии во Парламентот, толку влади. Милина…
Мора да се многу назадни или само не им текнало во Фудбалската федерација на Македонија да го применат ингениозниот пронајдок на тетовскиот градски татко во Првата лига, на пример. Под претпоставка прв да е, да речеме, Вардар со три бода повеќе од Шкендија, тогаш скопските „црвено-црни“ би биле прв лидер, а тетовските втор?!
Туку, мајтапот настрана, работава не е за смеење, посебно откако небулозата на Касами „случајно“ му се допадна на Беким Ќоку, советник за односи со Македонија на Албин Курти и прв пик за лидер на најавениот овдешен клон на партијата Самоопределување на косовскиот премиер. „Денес би одвоил концепт и политичка фраза, кажа Билал Касами. Концептот е: ‘Албанците се втор мнозински народ во СМ’. Значи, Албанците во СМ веќе не треба да се класифицираат како малцинство, туку како народ од второ мнозинство. И мислам дека овој концепт треба отсега да се користи во секој политички, социолошки, демографски контекст“, порача Ќоку на Фејсбук.
Ете каде лежел зајакот. Не трескал зелени Касами, ами станувало збор за сеалбанска стратегија да не се прифаќа статусот на малцинство во Македонија, без оглед на бројките, за потем да се бара „барабар“ со мнозинството Македонци буквално во сè. Со оглед на тоа дека Македонија одамна е село без кучиња под власт на ДУИ и на „помалиот партнер“ СДСМ, тоа Албанците веќе речиси го имаат, почнувајќи од Владата, па до поделбата на колачот во јавната администрација.
Билал сега е само еден вид гласноговорник на „концептот“, како што го нарекува Ќоку. Што почесто го повторува, колку тоа и да звучи нетокму, со тек на време ќе им стане нормално на оние на кои им беше нормално да сменат име на државата за од едно вето за ЕУ да „попијат“ друго. Недугавите уште и ќе го промовираат како прогресивна, проевропска идеја.
Тоа е тоа, што би рекол некогашниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Среќко Катанец. Ако „првиот мнозински народ“ не им застане на патот на вакви и слични поигрувања со здравиот разум, на македонската држава не ѝ гине – „катанец“.