Пишува: Катерина Златановска Попова
Сертифициран советник за кариерен развој
katerina.zp@expres.com.mk
Новата рубрика во рамките на Експрес.мк има за цел на своите читатели да им понуди содржини од областа на новите трендови за личен развој, коучинг, кариерно советување, човечки ресурси, обуки и публикации.
Тука ќе можете да прочитате за дилемите и прашањата на обичните луѓе на менаџерите и нивните очекувања, како и за разликите помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Ќе се сретнете со приказни за различни професии како и искуства и техники на различни експерти на полето на човечки ресурси, коучинг, кариерен и личен развој кои веруваме дека ќе ви понудат одредени одговори и решенија.
Тема за денес
Личниот развој клуч за успешна кариера
Судбина, среќа или вистински кариерен избор
Во што и да одлучите да верувате, успешните луѓе не се разликуваат многу од сите останати. Можете успехот да им го припишете на судбината и потеклото, може да речете дека имале среќа, но вистината е во изборот кој го направиле и секојдневно го прават во градењето на нивната кариерна патека.
Кој е патот до успешна кариера?
Веројатно досега во животот барем неколку пати сте се запрашале кој е вистинскиот избор за вас; која е вистинската професија, кое е вистинското средно училиште, на кој факултет да студирате, дали е подобро да заминете во странство или да ја градите својата иднина и кариера во вашата земја…
Успехот нема универзална и унифицирана единица мерка и тој не се мери ниту во некаква валута ниту во недвижен или движен имот. Клучот на успехот е во вас и вие сте единствените кои можете да ја направите разликата, изборот е целосно ваш. Личниот развој кој треба да стане дел од вашиот стил на живеење е клуч за успешна кариера.
Поставете си цел и почнете активно да работите на нејзиното остварување.
Ослободете се од непотребните стравови
Особено од оние на кои никако не можете да влијаете како единка (политика, економска состојба и сл.). Не се плашете од препреките и предизвиците туку исправете се пред секоја препрека со решителност и одлучност дека ќе се справите соодветно.
Препознајте ги можностите
Обидете се да ги препознавате можностите и градете животен стил преку кој, во се’ наместо пречка ќе препознаете прилика. Работете посветено и бидете истрајни бидејќи ништо не може да се оствари без напорна работа и максимална посветеност.
Не се откажувајте
Нормално е да биде тешко, но имајте ја пред себе вашата цел и причината зошто ви е важно да ја реализирате. И откако ќе ја реализирате првата поставена цел, веднаш поставете си нова, поголема и попредизвикувачка.
Откријте ја својата супер моќ
Ослободени од стравовите, поучени од решените предизвици и опремени со поголемо искуство ( не заборавајте дека и лошите и помалку успешните обиди ни носат некаква поука), ќе ја имате вистинската и неопходна супер моќ за градење на вашиот сопствен успех.
Фото: проф. д-р Јане Ацевски