Кариера и личен развој: Да се ризикува или не?

Пишува: Катерина Златановска Попова
Сертифициран советник за кариерен развој
katerina.zp@expres.com.mk
Фото: проф. д-р Јане Ацевски

Да се ризикува или не?

Аладиновото правило вели дека и со делување и со неделување ризикот е подеднаков, а шансите статистички се повеќе од добри, 50% наспроти 50%. Значи, ризикот секогаш постои…

(извадок од книгата: Pazi kojeg vuka hraniš од др Кенан Црнкиќ)

А сепак, за некои од нас ризикот е толку застрашувачки, несфатлив, непотребен и единствениот прифатлив начин е да се сведе на минимум. Тие мислат дека треба да се живее „нормален“ живот трудејќи се да избегнат секаков и најмал ризик.

Сите ние сме различни. Различни се нашите вредности, потреби, однесување, причините и начините поради кои го избираме однесувањето, како донесуваме одлуки, како комуницираме и ги решаваме дилемите и проблемите кои не’ мачат.
Пријателката секогаш е подготвена да ја ризикува целата своја заштеда за да стартува нов бизнис кој го нема започнато никој друг во земјата.

Бидејќи пресметките и проценките му велеле дека може повеќе да изгуби отколку да добие, сопругот пропуштил неколку потенцијално добри бизнис зделки. Колегата на работа, кога ќе се спомене ризик, секогаш вели дека зависи, за некои работи вреди да се ризикува, за некои пак не! За борците за човекови права општото добро на луѓето е сосема вредно за напуштање на сопствената комфорна зона.

Кој тип на личност сте вие?

Од оние кои не размислуваат за ризиците, воопшто не размислуваат што можат да изгубат туку единствено ја гледаат својата цел и придобивките, а ризикот е дополнителниот адреналин за да се биде прв и најдобар…или сте од оние на кои им е потребно да размислат за секоја одлука бидејќи секој друг пристап би бил целосно несериозен? Или можеби зависи…?
Ако сакате да дознаете повеќе за различните типови на личности и нивните карактеристики следете го серијалот од текстови на нашиот портал.

„ Да се смееш е ризик, да не те сметаат за несериозен или луд.“

„Да плачеш е ризик, да не те сметаат за слаб и сентиментален.“

„Да љубиш е ризик, да не останеш со невозвратена љубов.“

„Да побараш помош е ризик, да не покажеш дека не знаеш сам.“

„Да се бориш е ризик, да не бидеш победен.“

„Да се обидеш е ризик, зошто може да не успееш.“

„Мора да ризикуваме, бидејќи во животот најголем ризик е всушност оној да одлучиме да не ризикуваме.“

„Без ризик, не можеме да учиме, да чувствуваме, да се менуваме, да растеме, да љубиме…да живееме слободно.“

(непознат автор, извадок од книгата: Pazi kojeg vuka hraniš од др Кенан Црнкиќ)