Каракамишева: „Граѓаните треба да можат да ги отповикуваат градоначалниците и функционерите, ако не работат“

„Законот за локална самоуправа од 1996 година содржеше одредба, со која беше предвидена постапка за отповикување на градоначалници. Но во Законот за локалната самоуправа од 2002 година таа одредба беше избришана и од тогаш до денес граѓаните немаат законска можност за покренување постапка за отповикување на градоначалници или на други избрани функционери во земјата. Според професорката Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет ‘Јустинијан Први’, секој избран функционер треба да подлежи на отповикување, тие треба секогаш треба да го имаат последниот збор за тоа.“ – се наведува во анализата со наслов „Дали треба да им ‘виси’ мандатот на градоначалниците и на другите избрани функционери?“, која ја објави информативниот портал „Фактор“.

„Фактор“ пишува: „Оваа состојба им дозволува на градоначалниците, како и на другите директно избрани функционери во државата (пратеници, претседател на Република, општински советници итн.) прилично комотна состојба во својот мандат од четири, односно пет години без конкретна политичка одговорност, ако не го извршуваат ветеното во изборната програма, или ако вршат работи, за кои воопшто не добиле мандат. Немањето политичка одговорност на избраните функционери доведува до опасност од ‘залегнување’ на градоначалниците, пратениците и другите директно избрани функционери, без да се грижат многу за граѓаните и нивните потреби.“

„Секој избран функционер треба да може да биде отповикан“

„Професорката Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје смета дека секој избран функционер треба да подлежи на отповикување. Ова мора да им биде достапно на граѓаните, кои секогаш треба да го имаат последниот збор. Ова свое мислење Каракамишева го поднесе при подготовката на извештајот на Венецијанската комисија посветен на отповикувањето на локалните функционери, во чија што работна група таа учествуваше со уште два експерта од комисијата.“

„Граѓаните треба да бидат последниот чинител, крајниот судија што треба да одлучи дали избраните функционери треба да останат, или треба да заминат од избраните позиции. Ако граѓаните проценат дека избраните функционери работат и дејствуваат одговорно и не ја злоупотребуваат функцијата, а што се цени како интерес на граѓаните, тогаш тие ќе останат на позициите. Во спротивно, ќе бидат принудени да заминат од функцијата“ – оценува Каракамишева-Јовановска.“

„Локалните избори во изминатите циклуси беа обележани и со инциденти, влијание на ‘локални шерифи’, поткуп на гласачи, насилие. Градоначалничките фотелји се силно посакувани и борбата за локалната власт некогаш е и пожестока.“

„Како би се спровело отповикувањето?“

„Во случај да се воведе отповикување, главен чинител на одлучување ќе станат гласачите, кои може да покренат иницијатива со собирање одреден број гласови и преку формална процедура да започне процес за предвремено завршување на мандатот, на пример, на одреден градоначалник, пратеник, советник и слично. Ако иницијативата ги исполни условите, може да се распишат т.н. ‘отповикувачки избори’, со кои гласачите може предвремено да го завршат мандатот на избраниот функционер.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://faktor.mk/dali-treba-da-im-visi-mandatot-na-gradonachalnicite-i-na-drugite-izbrani-funkcioneri