Сè освен фудбал, а најмногу насилство, го обележа дербито на 32. коло од Првата македонска лига меѓу Шкендија и Шкупи во Тетово.

И покрај отсуството на гостинската навивачка група „Шверцери“, чии автобуси полицијата ги запре на патарина на автопатот Скопје – Тетово, дуелот меѓу лутите ривали беше преполн со инциденти, со прекини и со повредени.

Со камен в глава беа погодени резервниот играч на Шкупи, Ардит Иљази, во првото полувреме и помошниот судија Гоце Петрески во второто, кога дојде и до групна физичка пресметка меѓу фудбалерите од двата тима.

Шкендија пропушти можност да слави преку Љупчо Дориев во финишот од пенал, кој му го одбрани голманот Артан Иљази, па натпреварот од висок ризик заврши без голови.

Шкупи и пред мечот ја имаше обезбедено шампионската титула, а Шкендија со овој бод осигура нов настап во еврокуповите.