Каменос, кого Македонија го чинеше кариерата, за пожарите во Грција: Да наведнеме глава и да бараме помош од Русија!

Поранешниот грчки вицепремиер и министер за одбрана Панос Каменос, кој излезе од Владата на Алексис Ципрас непосредно пред гласањето за Преспанскиот договор, смета дека пожарите во Грција не можат да бидат изгасени без руските авиони-амфибии Бе-200.

„Без ‘Бериев’ нема ништо да успееме. Да ја наведнеме главата и да побараме помош сега. Ќе ни ја дадат…“, напиша Каменос на Твитер.

Но, поради војната во Украина, на руските авиони им е забрането да летаат над земјите од Европската унија, па без укинување на таа забрана невозможно е Русија да се вклучи во спасувачките активности.

На грчкиот остров Родос пожарникарите веќе цела недела вложуваат натчовечки напори за да ги изгаснат пожарите. Над 30.000 луѓе беа евакуирани, најмногу во историјата на Грција.

Во меѓувреме, пожари избувнаа и на островите Евија и Крф.

Паменос, како лидер на Независни Грци, беше министер за одбрана на Грција од 2015 до 15 јануари 2019 година, откако два дена претходно тој и неговата партија ја напуштија владината коалиција со СИРИЗА на Ципрас во надеж дека ќе го спречат изгласувањето на договорот од Нивици. Но, поради одметнувањето на неколкумина од неговите 10 пратеници, Владата на Ципрас го преживеа гласањето (не)доверба, за веднаш потоа да го изгласа договореното со Зоран Заев за преименување на Република Македонија.

Тука практично заврши приказната со Каменос, чии Независни Грци не учествуваа на парламентарните избори во јуни 2019 година, кои Ципрас ги загуби убедливо, а АНЕЛ не се појави ниту на изборите во мај и во јуни годинава.