Камчев ни со пет милиони евра кауција не го пуштаат од Шутка

Бизнисменот Орце Камчев, понудил 4,4 милиони евра во недвижности и 400 илјади евра во кеш за да излезе од Шутка каде се наоѓа во притвор, но Апелација го одбила тоа.

Пред два дена Апелацискиот суд во Скопје повторно ја одбил жалбата на Камчев иако Вишото обвинителство прифатило замена на затворски со домашен притвор за обвинетиот бизнисмен, пренесува „Телма“.

Судиите сметале дека висината на гаранцијата од речиси 5 милиони евра не се доволна гаранција дека тој нема да избега, како ни дека здравствената состојба – откако тој лежел на Кардиологија – ‘не може да доведе до отстранување на стравот од бегство на обвинетиот’.

Камчев, на16-ти јули, треба да седне на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд, каде треба да стартува судењето за „Плацеви на Водно“.

Со него обвинети се и поранешниот премиер, Никола Груевски и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, како и Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева.

Во понудениот имот Камчев ја понудил и куќата во Бардовци каде беа направени снимките со парите и чантата „Луј Витон“ од случајот „Рекет“.