Професорот на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, регира за основната каматна стапка во земјава, која ја одредува Народна банка на Македонија.
Според него, таа е двојно пониска од стапката на инфлација.
„Каматната стапка на централната банка на САД е повисока за еден процентен поен од нивната стапка на инфлација од 4 отсто. Кај нас инфлацијата е двоцифрена, а референтната каматна стапка на НБРМ е двојно пониска од стапката на инфлација. До кога?“, пишува професорот Славески, кој е член и на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Во изјава за Фактор тој дополнува дека поради високата стапка на инфлација од една и ниската референтна каматна стапка од друга страна, како што вели, на сцена во земјава е бескрупулозна конфискација на заштедите, па и на дел од тековните доходи на граѓаните.
Тоа значи дека се уште имаме двоцифрена стапка на инфлација, петти месец по ред во оваа година, иако такви фантастично високи стапки на пораст на трошоците на живот имавме и во минатата година.
Стапката на инфлација од 11,3 отсто во мај, која, за волја на вистината, е пониска од априлската, која изнесуваше 13 отсто, но се уште покажува дека инфлацијата е прилично отпорна и не се намалува баш така лесно како што се очекуваше.