Со измените на законот за данок за додадена вредност како што најавија надлежните ќе има намалување на данокот на одредени производи, но и зголемување за продукти кои се сметаат за луксузни. Економистите велат дека низ законот доставен во собрание се преточени најавите кои ги дадоа надлежните, но укажуваат дека ќе има и новини како што е даночниот застапник.

–  Кај дел од производите има намалување на даночната стапка по која се даночат производите, но има и новини кои досега ги немало, односно поделбата на даночната стапака за основните прехрамбени производи на две групи, едната со пет проценти данок, и другата со 10 отсто данок за основни прехрамбени производи, што досега го немаше – вели нашиот соговорник.

Тој посочува дека во законот е преточено ветувањето за намалување на данокот на продуктите за менструална хигиена, па така за овие производи по нова година данокот од 18 проценти, се намалува на пет проценти.

Сепак, според експерите, приливите во даночната каса ќе се зголемат благодарение на воведувањето на две даночи основи за основните прехрамбени продукит.

–  Кај производите за човечка исхрана досега данок беше пет проценти, со измените е посочено дека ќе има две групи на прехрамбени производи. Во едната даночна група ќе се даночат производи кои се основни прехрамбени продукти со пет проценти данок за ДДВ, додека пак други производи кои се сметаат за луксузни ќе се даночат со 10 проценти. Сепак, кои точно продукти ќе се даночат по стапка од пет, а кои по 10 проценти стапка на ДДВ ќе се знае откако ќе бидат направени одлуките, каде ќе има детален опис кој продукт по која стапка ќе се даночи – укажува нашиот соговорник.

Во законот пак е посочено дека со Предлог законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се врши зголемување на даночната стапка на одредени производи за човечка исхрана кои не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана.

–  Од предложеното законско решение ќе произлезе можност за поголема даночна основа на прометот на добрата и услугите како и повисока даночна стапка останатите производи за човечка исхрана, а додека пак за менструалните производи се планира пониска стапка. Дополнително со истиот ќе се елиминира евентуалното двојното оданочување кое настанува при прометот на услуги во случај на меѓугранични трансакции, а се допрецизира и даночната основа – стои во образложението на законот.

Нашиот соговорник додава дека уште една новина во законот е намалување на даночната основа за електронските дигитални учебници. Со постоечкиот закон, досега со пет проценти се даночеле публиказии за деца, книги, прирачници и други продукти, а од нова година со изгласување на измените во оваа група ќе влезат и електронските учебници.

–  Уште една новина која е предвидена со последнтие измени на Законот за ДДВ е воведување на даночен застапник. Странец кој врши некоја дејност во Макеоднија при оданочување на своите активности ќе мора да има даночен застапник, или фирма која тоа го работи во земјава и ќе може да му изработува потребна документација – посочува експретот по даночната регулатива.

Во законското решение доставено во Собранието се посочува дека се воведува даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган.