Каков крај: Закана за амбасадорската мисија на првиот шпион што даде зелено светло на рускиот шпион Онишченко

Екс директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски кој веќе доби агреман за Париз може и да не замине за амбасадор по критиките од влијателни земји за случајот со „Онишченко”, најави претседателот Пендаровски во интервју за Канал 5.

,,Од моите контакти со премиерот и министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да испитаме дали би требало да останеме на ова решение или и некои други опции би влегле во игра”, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски.

По скандалот со издавањето државјанство на Олександар Онишченко, за што согласност имало и од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), поранешниот директор на оваа институција, Виктор Димовски, можеби и нема да замине за амбасадор во Франција. Според изјавата на претседателот Стево Пендаровски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, ова прашање е дискутирано и во рамки на критиките што ги упатиле влијателни земји членки на НАТО и наши стратешки сојузници.

Неколку месеци пред да избие скандалот со случајот „Онишченко“ за Димовски бил добиен агреман од страна на Франција, меѓутоа постапката сè уште не е завршена односно Пендаровски не добил известување од Владата во кое му сугерира да го даде указот за упатување.

Во наредните денови или недела-две Пендаровски ќе има консултации со Владата за 10-15 амбасадорски позиции што се испразнети и во тие рамки ќе го отворат и прашањето за Димовски.

„Постапката за именување амбасадор почнува преку Владата која ми предлага мене и јас давам првична согласност. Велам ’се согласувам со предлогот, можете да ја продолжите постапката‘. Тие имаат понатаму подготовки, се бара агреман од државата каде треба да оди. На крајот кога ќе заврши се, Владата повторно ми пишува преку МНР и вели дека ’се е завршено, сега треба да го упатите‘. Вакво нешто, втор допис во кој владата вели дека се е океј, и ве молиме само да потпишете указ, Владата ми нема доставено затоа што од моите контакти со премиерот и министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да испитаме дали би требало да останеме на ова решение или и некои други опции би влегле во игра“,
рече Пендаровски.

По ваквата изјава од претседателот, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение дека и Пендаровски признал оти земји сојузници барале Виктор Димовски да не биде амбасадор

Стево Пендаровски се изгуби вечерва помеѓу желбата како полтрон да се истакне во СДС за да добие поддршка за кандидатура и да биде аналитичар допадлив за јавноста, смета ВМРО-ДПМНЕ.

„Пендаровски призна дека влијателни земји, наши сојузници имале критика до Владата, Виктор Димовски да не оди амбасадор во Франција, како што сака Ковачевски. Проблемот со Виктор Димовски е заради случајот Онишченко, човек кој се мешал и во изборите во САД, како што кажа Пендаровски. Пендаровски призна и дека Ковачевски направил грешка со назначувањето на Зарко Милошевски за директор на АНБ бидејќи и тој како и Виктор Димовски е дел од скандалот со Онишченко“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај ВМРО-ДПМНЕ која во неколку наврати досега јавно се спротивстави на испраќањето на Димовски за амбасадор, против е и опозициската Алијанса за Албанците.