Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС информира за допис испратен до колегите од група на приватни специјализанти при Клиниката за детски болести.

Во дописот од приватните специјализанти при Универзитетската клиника (УК) за Детски болести се вели дека вчера (15.02.2023 година) во обид да го искажат нивното незадоволство што со месеци не добиваат плати и дежурства им било кажано дека ако протестираат ќе бидат избркани.

,,Во обид да го искажеме нашето незадоволство преку бојкот на нашата работно-едукативна позиција при УК за Детски болести и бојкот на нашата работа за време на дежурства, поради неподмирени обврски од страна на УК за Детски болести спрема нас, во смисла на неисплатен месечен надомест (плата) за месец Декември 2022 година и неисплатени дежурства од месец Август 2022 година навака, од клиниката ни посочија дека “кога тие биле специјализанти работеле за без пари, дека ќе ја завршеле работата и без нас, дека е неприфатливо нашето однесување” и воедно ни се закануваат дека доколку не се појавиме на работа утре (16.02.2023 година) ќе бидат прекинати нашите специјализации и дека ќе биде објавен нов конкурс за специјализанти”, стои во дописот од младите специјализанти на кои им се ускратува законското право на плата и дежурства кои ги немаат земено цели 6 месеци.

,,Ве информираме и дека денес, претставници на приватните специјализанти остварија средба во пријатна и конструктивна атмосфера со одговорната професорка за специјализантите, која ни го пренесе ставот на Клиниката и катедрата за Педијатрија. За утре е побарано од нас средба со шефот на катедра и Директорката.
Воедно Ве известуваме дека сме во постојан конфликт и недоразбирање со вработените во административната служба при УК за Детски болести секогаш кога треба да се исплатат финански средства за нас специјализантите, по било кој основ, чија што игнорантност кон нас е еднаква на терор.
Ве известуваме и бараме како наши официјални претставници да покажете незадоволство од ваквото неправедно и деградирачко однесување кон нас во врска со најновите збиднувања од една врвна институција”, пишува во објавата од приватни специјализанти при УК за Детски болести.

Асоцоцијацијата на специјализанти и млади лекари АСМЛ се придружува на осудата изразена од ЗЛС и бара веднаш да се престане со заканите и несоодветните коментари кои ги добиле колегите на сметка на тоа што најоправдано си ги бараат своите права.

,,Застануваме во целост зад нашите колеги и ги подржуваме во сите нивни барања, а воедно ги прашуваме цените професори, доктори и одговорни лица дали е ова начинот за да ги поттикнеме помладите колегите да се запишат на една од најдефицитарните специјалности во Македонија и да останат да ја градат иднината тука?”, стои во реакцијата на АСМЛ

Оваа порака е испратена и до Министерството за здравство и Клиниката за детски болести Скопје.