Како против „Северна“ – Пишува Роберт Димитриевски

„Зошто во текстовите сè уште пишувате Македонија? Нели сме Северна Македонија?“.

„Затоа што вистинските Македонци не ја признаваат ‘Северна’. Инаку, во право си“.


Оваа реплика под пост на Фејсбук-страницата на expres.mk дава еден од одговорите на прашањето од насловот.

Борбата против „Северна“ не е и воопшто нема да биде лесна, уште помалку едноставна. Маневарскиот простор на безмалку двотретинското мнозинство македонски граѓани, кои со бојкотот на пропаднатиот референдум од 30 септември јасно ставија до знаење што мислат за преименувањето на државата, со силувањето на нивната волја во Собрание е прилично ограничен. За нив како сол на рана делуваа лепенките врз таблите на македонскиот дел од граничните премини со наметнатото ново име. Дел од нив можеби се обесхрабрија, знаејќи колку е тешко да се врати назад тркалото на историјата. Дотолку повеќе што државата има многу механизми на принуда да се спроведе нејзина одлука, колку таа и да е против волјата на огромен број граѓани.

Наскоро ќе почнат да се издаваат лични карти, пасоши, имотни листови, свидетелства, формулари и други документи со географската додавка, а без нив поединецот не може да функционира во една државна заедница, колку и да не му се допаѓа тоа што го пишува во нив. Згора на тоа, неприфаќањето на „северџанските“ документи повлекува казна, а како изгледа борбата со ветерници (држава) знае секој што му застанал на патот на нејзиниот бирократски апарат.

Но, отпорот на силеџиите не може и не смее да заврши со „легнување на брашното“. Еден аспект од таа борба го дефинира кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска.

„Ќе формирам експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно јавно право. Малите држави се повикуваат на правото, големите на силата. Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено. Пред меѓународните судови и институции. Во секоја средба ќе укажувам дека не можам да се поделам на две личности. За мене владеењето на правото е врвната цел. Ако сите народи имаат право на самоопределување, истото важи и за македонскиот народ и за Република Македонија“, порача таа на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга, каде што ја доби поддршката од партијата што освои најмногу пратенички мандати на последните парламентарни избори.

Некој на ова ќе реплицира дека во денешниот свет силата често се наметнува над правото и го игнорира, како што направи НАТО со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година во полза на Македонија против Грција. Да, но со правната битка, покрај другите начини на изразување несогласување и спротивставување, колку и да изгледаат залудни во моментов, прашањето за името на Република Македонија останува отворено. До некоја поповолна констелација на геополитичките односи за македонскиот народ и неговото право на самоопределување, вклучувајќи го и именувањето на сопствената држава.

Ако се апстрахираат деструктивните манифестации на неприфаќање на „Северна Македонија“, кои барем засега се чинат нереални, на тие што не можат да го смислат посеверничувањето на татковината им остануваат на располагање и други облици на отпор, а да не дојдат во судир со законот. Пример за тоа е не само „преживувањето“, туку и сè позачестеното користење на знамето со Сонцето од Кутлеш на спортски настани, партиски митинзи, свадби, во автомобили, на балкони или на јарболи во двор. И покрај тоа што по тригодишна употреба како државно знаме е заменето со сегашното дизајнирано од сдсмовската перјаница Мирослав Грчев како дел од Времената спогодба со Грција во 1995 година.

Кој може да му забрани некому, да речеме, во контакт со странци во секојдневниот живот или на меѓународни собири да им ја објасни заднината на промената на државното име и неговото отфрлање од повеќето Македонци? Кој може да спречи пренесување на името Македонија и на идентитетот од колено на колено, без никакви префикси?

Дури ни медиумите не се обврзани да ја именуваат земјава со „Северна“, ако не добиваат средства од државниот буџет. Не земаат ли пари од „Северна“, никој не може да им наложи да не продолжат да го користат името Македонија за својата држава.

Се разбира, некому сето ова може да му се чини детски, банално, смешно и сведување на обична симболика. Но, пробајте тоа да му го кажете, на пример, на некој што се вика Христо дека од утре, „за негово добро“, сите ќе го викаат Мухамед и оти тој самиот ќе мора да се одзива на тоа име и да се потпишува така. И обратно, нека се обидат Мухамед да го прекрстат во Христо, па ќе видат чија мајка црна волна преде.

Ова се само „сет идеи“, што би рекол Нимиц. Гласно размислување без претензии да се тврди дека е (единствено) правилно. Крик на стотици илјади Македонци во земјата и во дијаспората што сè уште не можат да се соземат од неподносливата леснотија со која Заев и компанија го трампаа вековното име за влез во воен сојуз.

Креативноста на секој поединечно што не се помирува со тоа ќе ги обликува идните форми и изрази на спротивставување на „Северна“. И на држење на прашањето за името на Република Македонија отворено до неговото затворање со силата на аргументите, а не со аргументите на силата.

Ништо не е вечно, колку и да изгледа така во моментот. Кој можеше и да помисли не толку одамна дека еден ден ќе се распаднат Советски сојуз и Варшавски пакт или дека двете Германии повторно ќе се обединат во една држава? Или дека некоја земја ќе излезе од Европска унија, како Велика Британија следниот месец?