Скандалозните грешки во учебникот по Историја и опшѕесѕбо за V-то одделение биле технички грешки, реагираат авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска на социјалните мрежи.
Очигледното препишување од „Википедија“ или неразликувањето на стапки од метри, прогласување на петти век пред наша ера како почеток на средниот век – цели десет века порано, како и „збунувачкото“ менување на хеографската положба на два соседи (Албанија и Бугарија) на Македонија, тешко може да се подведе под „превид“.
Но, Ангеловска и Илиевска објаснуваа:
„Навистина ни е жал што во нашите напори да не испуштиме нешто суштинско, ние всушност сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот, кој е тема на дискусија, е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба уште во мај годинава. Сите сугестии што беа од техничка природа се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија.
Ниту ние авторите ниту рецензентите немаа можност да го прегледаат учебникот пред печатењето. Можеби ќе забележевме дека наместо V век, пишува V век пр. н.е.; дека при обработка и средување на текстот останала грешката за местоположбата на нашите соседи од исток и од запад или за мерните единици.

И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што, ако се прочита учебникот во целост и се анализира, педагошки, методолошки… ќе се забележи дека тој во целост ги следи наставната програма, методологијата за изработка на учебник и националните стандарди“, велат Ангеловска и Илиоска.
Тие велат дека побарале од надлежните во Министерството за образование и наука да ги коригираат грешките барем во електронските верзии, а ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти. Но, во реакцијата на авторките нема ништо за тоа како ќе се надомести штетата од потрошените милиони за печатењето на учебникот со неверојатните грешки.
