„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а обидот на насочување на уметниците предизвика бранување во културната фела, со сериозни сомневања дека зад кажаното се навестува цензура за оние творби кој на овој или оној начин можат да бидат ротоллкувани како говор на омраза – согласно протоколот потпишан со Бугарија со кој во старт се забрануваат „бранувања“ за присуствотона бугарските окупациски сили за време на Втората светска војна.
Инаку актуелната министерка, Костадиновска – Стојчевска за прв пат ѝ стана позната на јавноста кога како пратеник се појави во македонското Собрание во скафандер за да гласа, бидејќи беше позитивна на Ковид-19.
Пред назначувањето за министерка за култура, немала никакви допирни точки со културата. Била професорка по англиски јазик на Битолскиот универзитет и има лиценца за лектор по англиски. Пред да стане пратеничка работела и како преведувачка и лекторка, а била вработена и во Агенцијата за електронски комуникации во Битола.
На нејзината изјава како министерка, уметниците преку социјалните мрежи и натаму изразуваат револт.
„Министерке, книжевноста треба да е форма на отпор, нејзината улога е да критикува, да провоцира, а не да служи за забава“, реагира писателот Петар Андоновски.
„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката“ – министерка за култура, 21 век. Творам, значи расположувам народ“ вели писателката Оливера Ќорвезироска.
„Бисера ти си срам за македонската култура! Е*ати европската иднина!“ вели актерката Јелена Жугиќ.
Режисерот Јани Бојаџи, пак, вели дека станува збор за човек кој воопшто не е доаѓа од културата, а со ваквите свои ставови само може да го навлече гневот кај уметниците.
Заборава една единствена работа, таа госпоѓа не е министер за забава, туку министер за култура. Уметниците од спротиставена страна ќе си ги претворат во непријатели и тоа ќе биде нивниот крај затоа што во историјата на човештвото не постои пример кога министри победиле уметници, изјави режисерот Јани Бојаџи.
По лавината реакции министерката се обиде да се дообјасни.
Како министерка, се додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура, вели министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска преку објава на „Фејсбук“.
Според македонскиот Устав, цензурата е забранета, а слободата на говорот е гарантирана.
