Првиот ден од есента донесе ниски температури и зголемени главоболки. Граѓаните пред најтешката зима, која ја најавуваат и властите, во големи проблеми како ќе ги поминат најстудените денови кои претстојат, а најмногу ги загрижуваат енормно високите сметки за струја и парно, а не се евтини ниту дрвата и пелетите.

Одамна не се паметат вакви ниски температури во овој период од годината. Граѓаните со месеци се обидуваат да најдат начин како да ја поминат зимата, а за алтернативен начин за загревање на домовите не ни размислуваат бидејќи секој начин на затоплување им е скап.

Ситно се брои до почнувањето на грејната сезона а ЕСМ се уште го нема склучено договорот за да испорачува топлинска енергија. Нема договор ниту за закуп или продожба на цевките со „Адора Инжинеринг “, а не се знае ниту дали дтржавните електрани ќе обезбедат доволно количини на гас за да се истурка грејната сезона. Доколку не се обезбеди, скопјани ќе треба да се греат на мазут со што драстично ќе се зголеми загадувањето на воздухот.

И греењето на дрва станува луксуз поради неколкукратно повисоките цени од лани Задоцнетата реакција на владата ги натера граѓаните да купуваат дрва по речиси 5000 денари за кубик.

И цената на пелетите од 180 колку што чинеше минатата грејна сезона сега е покачена, и чинат 350 денари што е зголемување за 100 проценти.

Дека зимата ќе биде тешка аларм стигна и од директорите на училиштата, кои велат дека не ќе можат да се справат со високите сметки за струја а блок дотациите за образованието кои го добиваат општините ни од далеку не се доволни. Веќе се зборува за алтернативни опции за продолжување на зимскиот распуст за учениците или пак часовите да бидат онлајн.