Како и се случи шок на нацијата за која се мислеше дека веќе ништо не може да ја шокира

Како и се случи шок на нацијата за која се мислеше дека веќе не ништо не може да ја шокира анализира Сашо Клековски во своја колумна за Нова Македонија.

Клековски кој е политички аналитичар и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ дава преглед на настаните кои доведоа до шокот но го анализира шокантното однесување на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

,,Во неделата доцна навечер едно соопштение на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) ја турна нацијата во шок! МВР и ОЈО соопштија дека е пронајдено безживотното тело на 14-годишнината Вања Ѓорчевска, која се водеше за исчезната од 27 ноември, во околината на Бразда, Скопско, а во околината на Велес е пронајдено и телото на 74-годишниот Панче Жежовски, кој се водеше за исчезнат од 24 ноември. За нацијата шок, за семејствата што изгубија дете и родител огромна непребол. Не постојат зборови на утеха што можат да се кажат, не постојат зборови што можат да ја опишат тагата по загубените животи. Нацијата во шок спонтано прогласи недела на тага, со откажување или одложување настани. А ова е нација што не е лесно да се доведе во шок. Ова е нација што преживеала многу војни и злосторства во подалечното минато, а во поблиското имала воен конфликт или, пак, свирепи случаи како Смилковско Езеро, или шокантни трагедии како случајот „Ласкарци“, „Дурмо турс“ или ковид-болницата во Тетово”, пишува Клековски.

Клековски не може да се начуди како на шокот за нацијата реагираше Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, кој на прес-конференција побара да не се политизира случајот и истата ја претвори во партиски настан.

,,Оливер Спасовски освен триумфалистичкото соопштување на пронаоѓањето на Љупчо Палевски и фалењето дека МВР ја завршило работата, одби да одговори или не знаеше одговори на повеќе прашања. Честитки на МВР за пронаоѓањето на Љупчо Палевски! За жал, тоа што пресот стана партиски настан го засени пронаоѓањето на Љупчо Палевски. Министерот Спасовски прво ги повика политичките партии да не прават поени на мртви души. Каков сарказам од него и неговата политичка партија СДСМ, која направи изборна кампања од сеење сомнеж во случајот „Смилковско Езеро“ и други случаи. Понатаму повика на дерегистрација на Десна, политичка партија на Љупчо Палевски. Тоа звучи популарно. Но во една демократија министерот за полиција е последен што треба да повикува на забрана на политичка партија. Тоа е работа на ОЈО и судот, или на Уставниот суд, и тоа за случаи на насилно уривање на Уставот, на територијалниот интегритет, на ширење омраза и на формирање паравоени структури. ОЈО и претходно можело да поведе постапка против Десна за поттикнување омраза, а сега може да работи на докажување на постоење на паравоени групи во Десна. Тоа е патот кон забрана, а не министер на полиција да повикува на тоа.
И најтипичното за оваа власт кога ќе се најде во тесно е повикување на странски влијанија, на кои се повика министерот Спасовски. Странските влијанија, читај руски влијанија, се редовни во бранењето на власта. Ако министерот Спасовски знаел и има докази за руските влијанија, зошто нема соодветни кривични пријави? Зошто впрочем нема кривични пријави и пресуди за такви незаконски руски влијанија во сите овие години. Доколку е точна тезата на министерот Спасовски дека Десна и Палевски се руски агенти, дали тоа што Палевски неколку години води жестока кампања против ВМРО-ДПМНЕ значи дека СДСМ и ДУИ имаат поддршка од Русија? Во истиот стил на министерот, дали тоа ги објаснува бизнис-релациите на СДСМ со Миодраг Давидовиќ-Дака, проруски олигарх, и Борче Марковски, конзул на Белорусија во Македонија”, пишува Клековски во КОЛУМНАТА.