Пишувајќи за најавеното засилување на военото воздухопловство на Србија со 30 нови хеликоптери в година, српскиот весник „Курир“ во својот опширен текст стави акцент на улогата на Ми-24В во одбраната на Македонија од ОНА во воениот конфликт во 2001 година.
„Борбените хеликоптери Ми-24 никогаш немаше да ја видат светлината на денот ако не се случеше оружениот бунт на Албанците во Македонија во февруари 2001 година.
Во средината на февруари 2001 година терористичката организација Ослободителна национална армија (ОНА) почна да ги окупира албанските села по должината на границата со Косово и Метохија и на југот од централна Србија. Околу 50 албански терористи се собраа во селото Танушевци, на кои им се приклучија 250 терористи од југот на централна Србија, поточно од подрачјето на Прешево. На 15 март ОНА ги нападна безбедносните сили во предградието на Тетово, на кои им се придружија околу 1.000 Албанци од западна Македонија. Следуваше жесток судир, кој ги затекна македонските безбедносни сили неподготвени и слабо вооружени. Посебно недостигаше поддршка од воздух, а постојните транспортни хеликоптери беа недоволни. Затоа, беше одлучено да се набават борбени хеликоптери Ми-24В од проверените трговци со оружје Украинците.
Интересно е што првите борбени хеликоптери Ми-24В ги понуди соседна Бугарија заедно со ловците МиГ-21 на кои им снема ресурси. Бидејќи беа потребни многу пари за ремонт на овие авиони.
Првите хеликоптери МИ-24В слетаа на аеродромот Петровец кај Скопје. Ова беше почеток на ерата на јуришната хеликоптерска ескадрила, дел од македонските одбранбени сили без кои албанскиот бунт немаше да биде поразен. Тогашната македонска влада реши по брза постапка да ги набави овие летала бидејќи стануваше збор за опстанокот на македонската држава. Решено е да се набават 12 хеликоптери кои ќе се користат за поддршка на единиците на терен. Поради политичките пречки и војната што избувна во тоа време, беше тешко да се најде земја подготвена да продаде какво било оружје. Само Украина беше подготвена да обезбеди опрема и обука за македонските пилоти и техничари.
Првите два хеликоптера Ми-24В долетаа директно од украинскиот контингент на КФОР, кои веднаш беа вклопени во вооружувањето на новата 201. противоклопна хеликоптерска ескадрила. Во првите недели од војната во хеликоптерите летаа мешани украинско-македонски екипажи. Со доаѓањето на првите офицери и техничари обучени во Украина, пристигнуваат уште четири хеликоптери. Поради брзината на воведувањето, овие хеликоптери не беа обоени, туку ги задржаа постојните маскирни шеми на кои беа исцртани македонски ознаки и додадени македонски сериски броеви од 201 до 212 (ВАМ 201-212). Два хеликоптера со ознаки 211 и 212 беа верзии Ми-24К специјализирани за извидување и корекција на артилерискиот оган. Хеликоптерите, и покрај честите обиди за соборување и големиот број часови на летање, ја ‘преживеаја’ војната без никакви загуби, а беа користени со голема ефикасност и прецизност.
Најжестокиот судир во кој учествуваа хеликоптерите Ми-24 и јуришните авиони СУ-25 беше во регионот на Радуша, кога беа употребени 4 Су-25 и 6-7 Ми-24В, како и 4 Ми-8Т. Потпишувањето на Охридскиот договор го означи крајот на борбените активности, а за договорот најмногу придонесоа авионите Су-25 и хеликоптерите Ми-24В“, пишува „Курир“.