По теркот на Грција, која во 1990-тите бараше (и доби) од Македонија промена на државното знаме, така и Нов Зеланд преку вршителот на должност премиер ја обвини Австралија за копирање на нивното знаме старо 116 години и побара од Австралијците да излезат со нов дизајн!

„Имаме знаме што сме го имале долго време, копирано од Австралија. Тие треба да го променат своето знаме и да го почитуваат фактот дека ние дојдовме таму први“, изјави Винстон Питерс, кој ја заменува премиерката Џасинда Ардерн додека е на породилно отсуство, за државната телевизија ТВНЗ.

Нов Зеланд го усвои своето знаме – на кое на сина позадина стојат т.н. Јунион Џек (британското знаме) и ѕвездите што ја претставуваат констелацијата на Јужниот крст – во 1902 година. Австралија официјално не го усвоила своето знаме до 1954 година, иако верзија од него постои уште од 1901 година.

Иако слични, знамињата на двете земји не се идентични. Нов Зеланд има четири црвени петокраки, кои го претставуваат Јужниот крст.

На австралиското знаме, пак, четирите ѕвезди се бели и секоја има седум краци. Шест краци од ѕвездите ги претставуваат шесте држави на Австралија. Седмиот крак ги претставува териториите (иако некои теоретичари на заговор сугерираат дека ја претставува изгубената држава Нов Зеланд). Соѕвездието го комплетира дополнителна петта ѕвезда со само пет краци.

Кога капетанот Џејмс Кук зачекорил во Австралија и (против наредбите на Круната) ја прогласил земјата за британска колонија, Австралија и Нов Зеланд делеа знаме врз основа на синото знаме што го користеше британската морнарица.

Пред 1901 година Нов Зеланд се сметаше за колонија на Австралија, а неговото име го имаше дури и во австралискиот Устав. Во текот на 1890-тите се одржаа разговори меѓу колониите за „федерирање“ и за формирање Комонвелт на Австралија. Фиџи и Нов Зеланд првично беа дел од тие дискусии, но одлучија да не се придружат.

Нов Зеланд се обиде да ги расчисти работите еднаш засекогаш, одржувајќи референдум за редизајнирано знаме во 2016 година. Питерс се спротивстави на алтернативните дизајни и тогаш тврдеше дека, ако некоја земја има потреба од ново знаме, тоа е Австралија. На крајот, жителите на Нов Зеланд гласаа да се задржи сегашното знаме.

Покрај тоа што луѓето тешко ги разликуваат знамињата на двете земји и го мешаат нивното со австралиското, Новозеланѓаните се уморни и од тоа што се „невидливи“ или, во најмала рака, занемарени како нација. Постојат и интернет страници посветени на картите на светот на кои го нема Нов Зеланд.

Државјанин на оваа земја дури бил и притворен во Казахстан во 2016 година, откако царинските службеници одбиле да веруваат дека Нов Зеланд е вистинска земја (инсистирајќи на тоа дека нејзиниот пасош е лажен и оти Нов Зеланд, всушност, е држава во Австралија)?!

Односите меѓу двата соседа неодамна беа затегнати поради австралиската политика за депортирање на Новозеланѓани осудени за злосторства назад во нивната матична земја.