LJUBISA PRELETACEVIC - BELI

Ова е дами и господа, многу сериозно прашање. Можеби и круцијално за времињата пред нас. Во Собранието има 120 луѓе на кои им е доверена волјата на граѓаните и слободата да носат одлуки во нивно име. Овие 120 ликови решаваат за нашите пари, за нашите училишта, за нашите болници, за нашето оружје, за нашиот воздух, за нашта вода, за нашта земја и за нашиот живот. Колку и да звучи глупаво, тоа е вистината. Да, за повеќето од нив поим немаме ни кои се, ни што прават, ни од каде изникнале се додека не заседнат во собраниските столчиња и не им се загреат прстињата за стискање копчиња. А тогаш е веќе доцна за било што да се промени.

Вчера еден од нив и го продолжи животот на владата на Заев барем за неколку месеци. Како? Со исчезнување, молам убаво. Ете така. Не се појави господинот Реџепи во салата и немаше кворум за седницата за доверба на Владата воопшто да биде оддржана. Објаснувања кои ги даде јавувајќи се „од некаде“, дека многу му се важни ЕУ и НАТО, како и оние што ќе ги дава во наредниот период немаат никакаво значење. Како што немаа ни оние на осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за промена на уставното име на државата. Како што, да бидеме искрени, немаат некој ефект ни подоцнежните исклучувања од матичната партија, или бесот на јавноста и пцовките и колнењата на социјалните мрежи. Пројде возот. Повеќе од сигурно е дека на Реџепи НАТО и ЕУ му биле последното нешто во умот додека „го убедувале“ да ги продаде и својата партија и опозицијата. Исто како што европските перспективи ептен многу им значеа на Крсто Мукоски, Бети, Нола и останатите нагло освестени вљубеници во ликот и делото на Зоран Заев.

И ова не е само сега и не е само тука, јасно, но во времето на оваа и ваква власт, купувањето на пратенички души станува нешто нормално и вообичаено. Пазарџиски, на тезгере му фрлате на продавачот ситно од џебот, а тој ви мери две кила пратеник. Или двесте кила нека се, кој да се ценка за душа на крајот на краиштата. И зошто да не, кога народот гледа и молчи. Кога меѓународниот фактор аминува. Па сепак, проблемот во целата своја тежина ќе стане јасен можби и многу побрзо отколку што некому му изгледа. Опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, можеби и Левица за неколку месеци, макар и година, ќе дојдат на власт бидејќи времето на актуелниве и покрај сите усилби им истече. Реално, толку им беше. И што ќе ја спречи новата власт да продолжи со прекрасната навика на сегашните да купува и продава пратеници по потреба како стока на пазарче во Аеродром? Скрупулите? Незадоволството на амбасадорите? Лутењето на сдсмовските невладини? По истиот урнек утре ќе им купат 20 пратеници и око нема да им трепне, само ако тоа се покаже политички корисно. Па и подоцна, после години и години, некоја нова, некоја трета власт многу веројатно ќе помисли дека купувањето пратенички прстиња воопшто не е лоша идеја, особено кога тоа веќе станало пракса во државата со сонце големо и мали лакоми дудуци.

Немам ништо против актуелните народни претставници. Во најголем број случаи делуваат како луѓе со интегритет, со знаење и со свест за улогата и одговорноста која им е дадена. Но не сите. Никогаш не сите. Со само малку труд, искусниот подлец веднаш ќе ги пронајде слабите точки во системот и ќе ги намами за свои интереси и цели. Затоа, овој тежок дефект во демократската машина мора да се превенира. Некои сметаат дека проблемот лежи во моделот за избор на пратеници и тој треба да се промени. Други, дека самите партии се виновни кога ставаат секакви елементи на кандидатските листи. Поранешни главешини и велможи се обидуваа да им наметнат бланко оставки на функциите, им се закануваа дури и физички, но ништо од тоа не помогна. Варијантата со кодекси никој нема да ја почитува, а со закон не е демократски да му се забрани на народен претставник да гласа вака или онака, заедно со или спротивно од својата матична партија. Затоа, логиката вели дека единствено решение е солидно образование на целата нација, силна општествена свест и држава со педигре во сите сегменти за да дојдеме во ситуација пратениците редовно да не го глумат легендарниот Љубиша Прелетачевиќ – Бели. Само, за такво нешто треба да чекаме со генерации, можеби со векови, кои, ете, баш и ги немаме на располагање. Едноставно, сакале нејќеле, ќе мора да се побрза. Или толку од бизнисот. Ќе ја шитне државата некое лакомо прсте.