Каков апсурд! Просто за неверување! Амбасадорката на САД, следена од нејзиниот британски колега и од тој на ЕУ, отворија невидена афера дека корупцијата во земјава ги надминала сите граници! САД, дури, донесоа и тим за санкции (не тим на советници, на инспектори), спремни работите да ги земат во свои раце. А „нашиве“ генијалци од Владата, на чело со премиерот, тоа го поздравуваат!? Пораката на странците е: власта ви е криминална и неспособна, а нејзините претставници се прават среќни, дури и аплаудираат?!

Вакво нешто, можно е само во Македонија.


Уште од Вашингтон, новата американска амбасадорка најави што нѐ чека. На сослушувањето во Конгресот, ни порача дека доаѓа за да ја расчисти корупцијата. Таа воопшто не се колеба да се однесува како наш неизбран гувернер, што воопшто не е ниту прв, а уште помалку последен пат од нивна страна. Така сме ги навикнале и ние нив, ама уште повеќе – тие нас.

Неодамна и Пендаровски нѐ информира дека тогашниот американскиот амбасадор Џ. Бејли, во хотелот „Мериот“, по договорот од Нивици, им ги миел мозоците на осумте дезертери од ВМРО ДПМНЕ, предавнички да гласаат за промена на Уставот и за бришење на националниот идентитет на Македонците. Тој рече – ги убедувал и, што е најважно, дури да е и така, тој тоа не го осуди како неприфатливо и срамно мешање во нашите внатрешни работи. Напротив. Изгледаше како претседателот да го вреднува однесувањето на  дипломатот, со сугестија дека тоа било и некаква помош за нас!

Катастрофа, што друго.

Тогаш напишав и колумна во која беше аргументирано докажано дека кога силеџиски беше менуван Уставот, Бејли целиот ден бил во Собранието. На кафе, де. За да се прикрие нелегалната операција, нивната Амбасада излезе со информација за некаков негов ангажман во Амбасадата. Всушност, тоа се случило доцна вечерта, по неговата (успешна!) мисија во Собранието.

Сите со свиткани опашки

Силен е впечатокот дека сегашната амбасадорка се однесува погувернерски, од кој било нејзин претходник, вклучувајќи го и до сега неспорниот Ф. Рикер, иако и другите не заостануваа. Во светло на нивните активности, државава не личи многу ниту на протекторат, за разлика од Косово, на пример, каде што премиерот Курти многу не ги есапи Американците.

Жалосно е што кај нас нема личност којашто ќе им се спротивстави. Сите се со свиткани опашки. Впрочем, веќе се навикнати да аплаудираат и кога некој ги плука. Ќе си речеш – ако веќе мораат да изигруваат неандерталци во однос на САД, не мораат да бидат кловнови и кога е Софија во прашање.

А, беа. И се. Сепак, ова наше дереџе е резултат на неодговорноста на секој од нас, бидејќи и оваа власт е резултат на избори.

Иако власта, барем јавно, го поздравува американското ангажирање, добар дел од интелектуалците, сосема со право – го осудуваат. Ангажманот на американската амбасадорка е таква шлаканица за секој наш човек, што одѕвонува надалеку. Не треба да има дилеми дека сите голготи, низ коишто минуваме веќе преку 30 години, се осмислени во Вашингтон и се резултат на американските регионални интереси. Сите, до последната, којашто моментално ни ја пласираат преку Бугарија.

И суспензијата на името во ООН…И Нивици… Сѐ.

Тие се упорни и систематични и ако ние не се освестиме на време, а тоа веќе забрзано истекува, алот ќе ни биде длабоко во калот.

САД се несигурни и во Македонија

Факт е дека односот кон Македонија е дефиниран од регионалниот аспект на американските политики. Тоа не смее да се заборава. Меѓутоа, останува прашањето – зошто баш сега САД се ангажира на еден таков, може да се каже дури и – агресивен начин? Одговорот не е лесен но, на некој начин, и се наметнува.

Вашингтон е очигледно загрижен за состојбите во земјава. Неспорно е дека токму тие ја донесоа оваа гарнитура на власт, со класичен државен удар и, за возврат, веќе им го испорачаа името, со бришењето на македонскиот национален идентитет. Приказната, меѓутоа, не е завршена и „Македонското прашање“ сѐ уште не е затворено, што е главниот интерес на САД. Проблемот е сега во рацете на Софија, со – неизвесен крај. Затоа е нивната нервоза.

Државата е доведена во бесмислена и неодржлива позиција: со блокиран пат кон Брисел; со понижувачка преговарачка рамка за членство; со измислени Бугари; со уцена за срамна промена на Уставот, којашто не изгледа сосема возможна… Со своите предавнички политики кон Бугарија, власта сосема се дезавуира кај јавноста. Таа заглави и изгледа дека нема да може да го испорача тоа што од неа го очекуваат странците. Анкетите покажуваат дека нејзиното време забрзано поминува. Опозицијата, пак, не покажува спремност да игра по  ноти на странците. Барем не доволно.

И нормално, САД се несигурни за реализацијата на нивните интереси, коишто филигрански ги реализираат 30 години. Сега, тие се загрозени. Затоа, се чини, сите овие нивни најнови потези, имаат единствена цел – да се одржи оваа власт.

Мора отворено да се запрашаме: дали е ова повод да се најдат начини и патишта да се обезбеди брза промена на Уставот и, со тоа, дефинитивна бугаризација на Македонија? Македонизмот, како јаболко на раздорот на Балканот, да биде уништен и американските концепции, намери и планови за регионот, да бидат финализирани? Не треба да има дилеми дека во моментов нашиот Устав е главниот интерес на САД.

Ваква држава со Македонци не е прифатлива за САД

Сите овие гласни размислувања во никој случај не се измислени. И бегла анализа на сѐ што ни се случуваше по распадот на Југославија, потврдува дека сѐ што е погоре напишано е апсолутно на линија и компатибилно на сите наши досегашни 30-годишни маки и страдања.

Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски на следниот линк:

https://plusinfo.mk/kako-da-se-spravime-so-amerikanskiot-predizvik/