Со праќање на децата во училиште, родителите очекуваат нивното дете да стекне квалитетно образование, да воспостави силни пријателства, но најмногу од сè сакаат нивните деца да бидат сигурни и безбедни. Оттука, еден од најголемите предизвици за децата, родителите, наставниот кадар и сите чинители на образовниот систем е: Kако да се запре и спречи врсничкото насилство во училиштата.

Врсничко насилство е форма на насилство кое се јавува кај младите. Тоа е несакано, агресивно однесување, кое се повторува или има потенцијал да се повтори со текот на времето. Што значи дека врсничкото насилство е карактеристично по тоа што се користи нерамнотежа во моќта и повторување на однесувањето.

Се јавува во различни форми, па не е секогаш лесно да се идентификува. Најчести форми се вербално насилство (кога се користат погрдни зборови или прекари, се користат закани дека ќе се предизвика штета), физичко насилство (кога се клоцаат, удираат, штипкаат, плукаат, земаат или кршат нечии работи) и социјално насилство (кога намерно исклучуваат некого од групата, шират лаги и гласини, засрамуваат некого во јавност и сл.). Но, да не го заборавиме и интернет или сајбер насилството, кое се применува со употреба на дигиталните технологии. Сајбер булинг може да се одвива на социјални медиуми или платформи каде што децата најчесто разменуваат пораки (Messenger, Viber), платформи за гејминг и останати опции како СМС и слично. Она што е заедничко за сите видови врсничко насилство е заплашување, засрамување или разлутување на она лице кон кое е насочено насилството.

Може да се каже дека најголем дел од врсничкото насилство се случува во и околу училиштето и на игралиштата, односно онаму каде најчесто се собираат и играат децата, па затоа од голема важност е родителите, уште од најмала возраст, да ги учат децата да не удираат, туркаат или да задеваат други деца, но исто така, и да ги учат дека осудувањето, ширењето гласини, засрамување на некого во јавност или исклучување од група, е исто така погрешно и дека и тоа претставува еден вид на насилство. Корисно би било родителите дополнително да разговараат и да го научат своето дете што значи да се биде малтретиран, дека не треба да премолчува доколку забележи дека некое дете е малтретирано, но и на кој начин да се справи доколку тоа самото е детето кое е малтретирано од останатите деца. (пр. да се оддалечи, да му каже на наставникот или на друг возрасен во училиштето, да му каже на насилникот со цврст глас да престане и сл.).

Со цел да се препознае и детектира врсничкото насилство на време, родителите може да внимаваат на следните знаци: доколку детето го избегнува училиштето, доаѓа дома од училиште со повреди, се повлекува, има проблем со концентрација, бара повеќе пари да има за во училиште или бара повеќе храна, одбива да разговара за училиштето, за онлајн комуникацијата и за пријателите или дава кратки одговори кои не соодветствуваат со неговите емоции (пр. „добро поминав на училиште“ иако изразот на лицето покажува тага).

Доколку забележите некои од овие знаци или вашето дете ви каже дека е малтретирано во училиште побарајте помош и соработка од наставникот/професорот и останатите родители, бидејќи врсничкото насилство се спречува тимски.


ЈОВАНА ЗАТАРАКОСКА
Лиценциран психолог
Сертифициран системски и семеен советник