Има нешто поразувачки патетично во потребата на одредени наши високи функционери по секоја цена „да се изјаснуваат“ за проблеми кои, во основа, не се нивна работа. А поразително депримирачки во потребата на истите да молчат за нешта кои апсолутно се нивна работа и должност.

Новата министерка за одбрана Славјанка Петровска наследи НАТО армија која постојано паѓа на листите за подготвеност и моќ, која добива чизми и униформи на падарок и изгледа само како еден здодевен мал товар на грбот на Алијансата. И што прво направи почитувантата министерка кога ја презеде функцијата? Тргна да се справува со елементарните неопходности на АРМ? Не, таман работа. Побрза да даде изјава дека трупањето руски војници на украинската граница било провокација.

-„Македонија во целост го подржува територијалниот интегритет на Украина и земјава смета дека разгорувањето на каков било конфликт не може да ја реши состојбата. Во целост ги поддржуваме напорите во рамките на НАТО алијансата и на ОБСЕ за надминување на оваа ситуација. Ова поставување на вооружените сили сметаме дека е провокативно и дестабилизирачко дејствување, коешто всушност ја намалува безбедноста на европскиот континент, а тоа, впрочем, не е целта за којашто сите се залагаме“, порачува министерката за одбрана во интервју за ТВ24.

Опасноста од избивање на голема војна во Европа е многу реална во следните месеци. Трупањето руски војници од едната страна и масовната воена помош за Украина од другата страна на границата е факт кој не може да се игнорира. За волја на вистината Русија е суверена земја и може што сака да прави со својата војска во рамки на сопствената територија, така што нашата министерка само произволно може да толкува дали е тоа дестабилизирачко и провокативно дејствување. Исто како што Украина има право да се вооружува и да добива помош од кого сака и може. Но овде основното прашање е зошто побогу Славјанка толкува состојби кои се далеку над нејзините и нашите сили и можности? Поедноставно кажано, зошто се меша каде што не и е местото, освен што очигледно сака да добие поени кај НАТО сојузниците, ако воопшто некого таму го интересира што има да каже македонската МО. Да се разбереме, не дај Боже да дојде до војна меѓу Русија и НАТО, тоа може да го запали светот како ниту една војна во историјата. А госпоѓата Петровска треба да знае дека НАТО и без неа влече потези во правецот кој им одговара на Брисел и Вашингтон, додека Киев нема никаква корист од нејзините изјави кои пак неминовно ќе бидат забележани и запишани во Москва. За во некои други времиња.

А неколку дена претходно новиот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ, едно седнување во фотељата даде изјава која во превод од дипломатски на македонски јазик значеше дека Македонците во Бугарија можат да се сликаат ако очекуваат поддршка од Скопје за нивните маки и проблеми. Во ситуација кога Софија јавно инсистира овдешните Бугари да влезат во Уставот, Маричиќ инсистира тамошните Македонци да се снаоѓаат сами или пак, ако немаат друго чаре, да се жалат во Брисел. Индивидуалано, бидејќи како колектив не постојат. Ни во земјата во која се родени ниту за земјата од која гордо потекнуваат.

Логиката вели дека во нормална ситуација Маричиќ би требало смело да им даде поддршка на Македонците во Бугарија кои се соочуваат со провокативно и дестабилизирачко дејствување од тамошните власти, а Славјанка Петровска би требало да не се меша во сразот меѓу Русија и Украина и евентуално да им посака мирна меѓусоседска коегзистенција. А ако не можат да ја најдат нека бараат посредување од Брисел. Во нормална ситуција, во нормална земја, со нормална власт така би требало да биде. Но зошто да се мешаме во сопствените работи кога можеме да го ставаме носот каде што не ни е местото? Зошто? Па така е полесно. Домашните проблеми бараат решенија кои зависат од нас, туѓите проблеми се супер можност само да се правиме паметни, а некој друг ќе ги решава. А ние секогаш сме мајстори да го избереме полесниот начин. Ем мали, ем техничарчиња. Затоа и толку добро ни оди!

Драган Милосављевиќ