Како да дознаете дали работното место на кое сакате да се вработите е токсично?

Покрај платата, на кандидатите за работа од голема важност им е и тоа во каква работна средина ќе работат. Тешко дека некој ќе се нафати да се вработи во компанија каде владее токсичноста. За да не дојде до тоа, кандидатите за работа треба внимателно да проценат на какво работно место аплицираат, уште кога го читаат описот на работното место во огласот за работа.

Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини за Работник го потврдува токму тоа. „Првиот контакт на секој кој аплицира за работа е огласот кој ако ги содржи само барањата, очекувањата и обврските кои треба да ги исполнува идеалниот вработен, може да биде прв сигнал на предупредување“, вели Златановска Попова.

Вработувањето, како што вели Златановска – Попова, претставува форма на склучување на партнерство помеѓу работодавачот и идниот вработен, а тоа значи дека двете страни треба да ги договорат правата и обврските.

Дали долгото траење на интервјуто за работа е знак на токсична работна култура?

Една анкета на веб страната за вработување „Monster“, спроведена на 6,000 испитаници покажува дека 65 % од нив сметаат дека долгото траење на интервјуто е знак на токсична работна култура.

„Интересно, никогаш досега не сум го разгледувала интервјуто за работа од таков агол. Веројатно тоа варира и од култура до култура, од земја до земја. Во нашата култура, некако е природно ‘да се рас-прикажеме’. Јас лично сметам дека долгото траење на интервјуто е добар начин за подобро да го запознаеме и процениме кандидатот“, вели Златановска – Попова.

Но, паричката има две страни – низата на повеќе интервјуа (3 или повеќе) кои кандидатот треба да ги изоди како да е лик од видео игра кој се движи од ниво во ниво, или долготрајниот процес на одлучување без притоа да му се испрати било какво известување на кандидатот, макар и тоа да е негативен одговор, за Златановска – Попова се посилен индикатор за организациската култура во компанијата.

Како и да е, неминовно е кандидатот да помине низ интервјуто за работа, за да може да се вработи во посакуваната компанија. Земајќи го предвид ова, ја запрашавме нашата соговорничка како еден кандидат за време на интервјуто за работа (но и пред да се одвие истото) да дознае каква е работната средина во компанијата.

„Од лично искуство, јас секогаш почнувам со претставување на себе и компанијата како и презентација на условите и очекувањата. Потоа му оставам простор на кандидатот да се претстави и дури тогаш започнувам со серијата прашања поврзани со соодветната компетенција која се бара од идеалниот кандидат“, вели Златановска – Попова.

Според неа, најдобар начин за да ја процените компанијата во која аплицирате е да се обидете да најдете некој кој работи или пак работел таму и да поразговарате за условите, меѓучовечките односи, организациската култура и односот на менаџерскиот тим кон луѓето, уште пред да прифатите да одите на интервјуто.

„Денес е сосема вообичаено, како што работодавачите ги проверуваат препораките на кандидатите, соодветно и кандидатите да се распрашаат и да побараат препорака за потенцијалниот работодавач“, вели таа.

Условите на работното место и работната средина стануваат сѐ позначајни фактори при носењето на одлуката за аплицирање во одредена компанија, рече Златановска – Попова.

Оргиналниот текст во Работник на следниот линк: