Каде се „бомбите”, а каде вистината за Диво Насеље?

СДСМ и пред да дојде на власт, а и потоа, тврдеше дека за да одговори на клучните прашања што се случуваше во мај пред 4 години во кумановската населба „Диво насеље“ , ќе бара меѓународна истрага и дека вистината може да се најде и во бомбите.

Судската разврска затаи, се уште е во тек жалбена постапка по пресудата за 33 луѓе за тероризам иако пресудата е донесена во ноември 2017 година. Се чека одговор на Апелациониот суд по жалбата на одбраната на осудените.

За тоа Специјалното јавно обвинителство отвори предистражна постапка, откако од јавното обвинителство го побара предметот за да може да воспостави надлежност врз него. Но, ваквите ветувања сè уште не се исполнети.

Одбраната во судот тврдеше дека имаат сознанија дека во УБК има прислушуван разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај познат како командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети како и дека имало разговори од другите обвинети кои контактирале со високи политичари и полициски структури. Одбраната бараше од судот во судница како сведоци да бидат повикани Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Али Ахмети и Артан Груби.

Специјалната обвинителка Катица Јанева, вчера изјави дека за сега во предистражната постапка имаат само индиции за тоа што и како се случувало тие два дена, но беше децидна дека во бомбите немаат докази за тој предмет.

Во 2015 година лидерот на СДСМ Зоран Заев по посетата на жителите на Диво Насеље обвини дека тоа беа исценирани настани.

„Да ги отвориме дилемите, како тоа тие криминални групи дојдоа во нашата земја и допреа до срцето на Куманово? , рече тогаш Заев.

Тогаш почнаа и ветувањата на опозициската СДСМ за меѓународна истрага.

Во 2017 година по донесувањето на пресудата, на тоа се приклучи и владејачката партија ДУИ која покрај меѓународна експертска група побара и анкетна комисија во Собранието.

Извор. Радио Слободна Европа