Каде е Рашковски, работи ли АНБ на случајот – пишува Горан Момироски

Три дена по истекот на рокот што самиот го даде како време кога ќе го напушти Мексико нема никаква информација каде се наоѓа екс генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Информации за локацијата на која се наоѓа Рашковски не дава ни неговиот најблизок соработник премиерот Заев ниту јавното обвинителство за организиран криминал кое работи на неговиот случај.

Иако на 15 март најави дека ќе се врати до крајот на месецот од одморот во Мексико, поранешниот генерален секретар на Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма го нема да се појави во македонската јавност.

За одсуството нема службена белешка ниту од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) која е позната како институција која изготвува службени белешки за лица кои наводно планираат да избегаат иако за тоа нема никакви ингеренции.

Иако Рашковски за медиумите предходно изјави дека следи се што се случува во врска со него, го нема во јавноста да објасни кога ќе се врати ниту дали бил контактиран од Јавното обвинителство за организиран криминал.

Пред неколку дена во емисијата Заспиј ако можеш објавив дека извори во мексиканските национални институции не ми потврдија дали Рашковски побарал азил во Мексико што упатува на тоа дека Рашковски треба да се врати во земјава наскоро.

Но 72 часа по завршување на месец март неговата локација не ја открива ниту тој ниту владата за која работи.

ЈООК кое поведе предистражна постапка неколку дена по заминувањето на Рашковски во Мексико влезе во владините простории и ги одзема документите за тендерите организирани од Рашковски за кои државата платила огромни суми а предметот на набавка не се користи.

Во изјава за Фокус, Рашковски пред 16 дена изјави дека е на одмор со семејството во Мексико каде што според него било многу евтино во овој период.

„Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14. и таму ќе бидеме до 31. овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува“,
изјави Рашковски за Фокус.

Деновиве на Фејсбук беа организирани групи за спектакуларен пречек на Рашковски а со порака на шпански јазик за добродојде на скопскиот аеродром група граѓани го чекаа но не го дочекаа од Мексико.

Од обвинителството се уште нема информации дали против Рашковски ќе биде покрената истрага, дали можеби тој може да биде уапсен уште при влезот во Македонија и дали може да му биде одреден притвор со цел да не го повтори делото или да влијае на сведоци.

Извори блиски на неговото семејство велат дека Рашковски најверојатно е веќе во земјава а владини извори велат дека како одговорен човек екс генсекот ќе биде достапен за разговор и со новинари и со јавното обвинителство затоа што тој не згрешил ништо.

На потег е Рашковски, да каже дека е во земјава и дека е подготвен пред новинарите и обвинителите да одговори на десетиците прашања за неговите контроверзи тендери за набавка на софтвер.

Или пак да каже дека е жртва на политички реваншизам и побарал азил во Мексико.

Има и други опции. До него е која ќе ја одбере.