Веќе вообичаено, ЈСП „Скопје“ и минатата година ја завршило со загуба, но овој пат таа е речиси двојно поголема отколку во претходната 2021 година. Загубата сега треба да ја покрие Град Скопје, доколку советниците на седницата која ќе се одржи во четврток ја изгласааат одлуката.

Загуба на ЈСП за минатата година е 383 928 366 денари и досега е непокриена. Во текот на 2023 основачот да најде начин за покривање на загубата со оглед дека се исцрпени законските резерви на ЈСП, па согласно Законот за јавните претпријатија Основачот да изврши докапитализација на претпријатието – пишува во предлог одлуката за која треба да се изјасни градскиот Совет.

Во 2022 година, според извештајот, ЈСП остварил вкупни приходи од 1 699 251 767 денари, а вкупните расходи биле 2 083 180 133. Што се однесува на загубата што ја направило претпријатието, во 2021 година таа била 205 318 424 денари, односно 3,3 милиони евра, а наредната година таа е речиси двојно поголема, па ЈСП „Скопје“ 2022 година ја завршило со минус од дури 6,2 милиони евра.

Со оглед на моменталната состојба на претпријатието, се чини дека скопјани се сѐ подалеку од можноста некогаш да добијат бесплатен превоз, кој исто така би требало да се плаќа од градскиот буџет. Ако во услови кога граѓаните плаќаат за превоз претпријатието секоја година покажува загуби во милионски евра, прашање е колку плус милиони евра би чинело доколку евентуално некогаш се реализира предизборно ветување на градоначалничката Данела Арсовска за бесплатен превоз за сите граѓани.

извор: Слободен печат.мк