По информацијата на опозицијата дека во училишта каде директори се кадри на ДУИ се ,,копале” Биткоини со струја која ја плаќаат граѓаните уште една информација која е неверојатна а се однесува на бизнисите со електрична енергија.
Екс потпретседателот на СДСМ а сега функционер на Стопанската комора на Македонија Зоран Јовановски врз основа на податоци од Регулаторна комисија анализира како се троши струјата од македонските реки и езера.
Податоците се фрапантни и неверојатни, според нив само 17 семејства трошат колку други десетици илјади семејства.
,,Според Регулаторна комисија за енергетика, од вкупно 660 илјади семејства во земјава, само 17 семејства трошат дури 30% од целото годишно производство на нашите хидроцентрали. На тој што троши толку многу не смее да му се дозволи да троши по субвенционирана цена. Затоа цело време муабетот е дека какви и да се мерките, тие треба да бидат насочени кон ранливите групи на граѓани!”, објави Јовановски.
За колкаво енормно количество струја се работи може да се види ако се знае дека една четвртина или околу 25 проценти од целата произведена струја во Македонија е од хидроцентрали.
Како и за што 17 семејства трошат 8 % од македонскиот енергетски потенцијал без да се работи за криминал треба да објасни шефот на регулаторната комисија Марко Бислимовски и владата која го назначила.