Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот економски институт, не го дели владиниот оптимизам дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува и дека инфлацијата изнесува 8,4% како што објави државниот завод за статистика.

И премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА зоопшти дека „инфлацијата опаѓа и тој тренд ќе продолжи што значи економските мерки го даваат посакуваниот резултат“…

Според Јовановиќ нема никаква основа да се зборува дека инфлацијата е победена, или ставена под контрола.

„Тоа што таа во јули се намали на 8.4% целосно се должи на она што економистите го нарекуваат базни ефекти, односно на тоа што лани ова време цените растеа посилно отколку што растат сега.

Ако се погледне месечната инфлација во јуни и јули, таа е 1% месечно, што е еднакво на 12% годишно, што е превисоко. Претходните 5 месеци, од јануари до мај, месечната инфлација беше 0.3%, што е значајно помалку од сегашниве 1%.

Значи, ценовните притисоци не само што не се намалуваат, туку и забрзуваат последните два месеца. Ова се должи на тоа што Владата ги укина ограничувањата на цените на храната пред два месеца.

Требаше да почекаат барем уште неколку месеци пред да го направат тоа“, изјави за Дојче веле, Јовановиќ.