Јотова: Бугарија треба да има цврста позиција кон Македонија

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова смета дека нејзината земја треба да има доволно категорична и цврста позиција во односите со Македонија, а таа, според неа, во моментов не е таква.

„Некако стивна таа тема. Добро е што заедно ќе празнуваме заеднички празници, но не е добро што следниот ден одново се присвојуваат историски настани. Токму затоа и велам дека е подобро да има документ и кога ќе стане збор за дискусија или ќе се стават под сомнеж факти или има претензии, тоа ќе биде доказот што Македонија ќе го има потпишано“, изјави таа за бугарското радио Дарик, залагајќи се за анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

„Не можат да се искажуваат какви и да е претензии во одредени ризични насоки. Токму тоа е смислата на тој анекс – политичко решение. Јас сметам дека токму во овој момент позициите што ги има Македонија и патот што треба да го измине кон евроструктурите или кон НАТО е една благопријатна средина во која може да се зборува за тоа прашање“, објаснува Јотова.