Јоханес Хан: Европа „крева раце“ од рускиот гас

На 21 јули, за многумина „нергетскиот Ден Д“ треба да заврши ремонтот на гасоводот „Северен тек 1“ по што ќе се знае дали Русија и понатаму ќе испорачува гас за Европа.

Европската комисија не очекува рестартирање на гасоводот, изјави европскиот комесар за буџет и администрација, Јоханес Хан, цитиран од „Волстрит журнал“.

Работиме на претпоставката дека „Северен тек 1“ нема да се врати во функција, рече Хан.

Неговите коментари доаѓаат откако рускиот гасен гигант Газпром вчера ги извести своите клиенти во Европа дека не може да гарантира снабдување со гас поради „вонредни“ околности, односно „виша сила“.

„Гаспром“ објави виша сила за дел од испораките на гас за Европа

Шефот на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, предупреди дека Европа мора да преземе итни чекори за намалување на потрошувачката на гас пред зимата и ги повика владите да ја ограничат употребата на климатизери и да започнат со аукција на гас за индустријата.

Европската унија, која воведе санкции кон Москва поради руската инвазија на Украина, има за цел да ја прекине употребата на руски фосилни горива до 2027 година, но сака засега испораките да продолжат.

На 11 јули, испораките на руски природен гас за Европа преку гасоводот „Северен тек 1“ беа прекинати поради редовниот годишен ремонт.

Сепак, европските лидери стравуваат дека Русија може целосно да го прекине снабдувањето со гас како одговор на санкциите што и беа наметнати поради нејзината инвазија на Украина.