Јапонија ја гради првата коцкарница

Јапонските власти го одобрија планот за изградба на првото казино во земјата со цел да се привлечат туристи и да се зголемат приходите. Со одлуката за одобрување на првото казино во градот Осака, отворен е патот за изградба на одморалиште вредно 8,1 милијарди долари, кое треба да започне со работа во 2029 година, посочува Ројтерс.

Јапонија е подготвена да ги следи стапките на Сингапур, кој ги легализираше казината во 2005 година и чие интегрирано одморалиште, Марина Беј Сендс, заработи повеќе од 400 милиони долари приход од игри во последниот квартал од 2022 година.

Огромниот туристички комплекс на островот Јумешима во заливот Осака во западна Јапонија, каде што ќе се одржи Светската изложба во 2025 година, ќе има и хотели, конференциски центар, трговски центар, музеј и терминал за траекти, како и хелиодром.

Коцкањето претходно беше нелегално во Јапонија, но законот за интегрирано одморалиште од 2018 година направи исклучок на официјално наменски локации како дел од напорите за привлекување туристи.

Премиерот Фумио Кишида на 14 април рече дека проектот ќе придонесе за економскиот раст на областа Кансаи околу Осака и пошироко во Јапонија по Светската изложба во 2025 година.

Јапонските планови за отворање казина претходно беа попречени од пандемијата на коронавирус и скандалот со поткуп што доведе до апсење на истакнат пратеник, по што големите американски оператори на казина се повлекоа од планираните проекти.

Контроверзните планови за изградба на првото одморалиште со казино го поделија јавното мислење, наведува Би-Би-Си. Во националното истражување спроведено во 2018 година, 64,8 отсто од испитаниците рекле дека се против плановите за изградба на казино, додека 27,6 отсто биле за.